Супституција (економија)
Во економијата, супституција означува замена на едно производно или потрошно добро со друго. Притоа, добрата кои служат како замена едни за други се нарекуваат супститути. Поимот „супституција“ може да се однесува на потрошните добра, т.е. на производите и усугите што служат за потрошувачка или, пак, на факторите на производството. На пример, газираните и негазираните пијалаци се меѓусебни супститути зашто можат да ја задоволат истата потреба; исто така, супститути се автобускиот и железничкиот сообраќај; најпосле, рачната и машинската работа се супститути во некои производни процеси. Всушност, дали еден производ има блиски супститути зависи од тоа колку прецизно го дефинираме производот: на пример, една трговска марка на кафе претставува близок супститут на некоја друга трговска марка; другите пијалаци се помали супститути на кафето; а другите потрошни добра се помали супститути на пијалаците.[1]
Мерење на супституцијата
[уреди | уреди извор]Степенот на заменливост (супституција) вообичаено се мери со помош на еластичноста на супституцијата која се пресметува така што процентуалната промена на количеството на едното добро во однос на другото ќе се подели со процентуалната промена на релативните цени. Математички, еластичноста на супституцијата се пресметува на следниов начин:[2]
ε = Δ(a/b)⁄a/b : Δ(pb/pa)⁄pb/pa
каде: a и b се две добра, а pa и pb се нивните цени.
Значење на супституцијата
[уреди | уреди извор]Степенот на супституција е еден од основните фактори од кои зависи еластичноста на побарувачката. Притоа, ако постојат блиски супститути на некој производ, тогаш неговата побарувачка ќе биде поеластична, т.е. ако се зголеми цената на едне производ, тоа ќе предизвика пораст на побарувачката на другиот производ (неговиот супститут). На пример, побарувачката на вотка е многу еластична во однос на цената на виски, зашто вотката и вискито се блиски супститути. Всушност, оваа вкрстена еластичност на побарувачката (побарувачката на еден производ во однос на цената на друг производ) претставува мерка на економската еластичност.[3] Во теоријата на изборот на потрошувачот (теоријата на користа) важи правилото дека, ако два производа му даваат еднакво задоволство на потрошувачот, тогаш маргиналната стапка на супституција ќе биде еднаква на односот меѓу цените на тие производи.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 31-32.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 243.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 31.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 59.