iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.
iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.



Link to original content: https://mk.wikipedia.org/wiki/Олигопол
Олигопол — Википедија Прејди на содржината

Олигопол

Од Википедија — слободната енциклопедија

Олигопол e пазарна структура во која мал број на произведувачи меѓусебно си конкурираат произведувајќи исти или слични производи. Тој е најчеста форма на несовршена конкуренција. Произведувачите може да произведуваат исти производи или слични - диференцирани производи. Еден вид олигол претставува дуополот - пазарна структура во која постојат два продавачи.

Теорија на олигополот

[уреди | уреди извор]

Првата теоретска разработка на олигополот ја дал Антоан Огистен Курно во 1838 година. Тој го разгледувал случајот во кој две фирми поседуваат по еден извор на минерална вода која е многу ценета од купувачите. Притоа, изворите се слободни за користење, т.е. не постојат трошоци за производство на водата. Ако двете фирми се здружат, тогаш тие ќе основаат монопол и ќе ја продаваат водата по монополска цена при што ќе го максимизираат заедничкиот профит. Монополското здружување може да биде едно решение на проблемот на олигополот, но тука се поставува прашањето: Како ќе се дели профитот меѓу двете фирми? Курно не дал објаснение на ова прашање, туку ја отфрлил можноста за монополска соработка меѓу двете фирми. Тој ја продолжил анализата врз основа на претпоставката дека двете фирми дејствуваат независно една од друга, т.е. секоај фирма смета дека нејзиното производство нема влијание врз обемот на производството на другата фирма. Во тој случај, едната фирма ќе почне со определен обем на производство, а другата фирма ќе го земе тоа производство како дадено и ќе настојува да го одреди своето производство со кое ќе го максимизира профитот. Потоа, првата фирма ќе го земе производството на другата фирма како дадено и под таа претпоставка ќе го одреди своето производство со кое ќе го максимизира профитот. Така, оваа „игра“ ќе продолжи сè додека не се дојде до рамнотежната цена и рамнотежното производство на двете фирми. Притоа, ако не постојат трошоци на производството, пазарната цена ќе биде еднаква на 100/(n + 1), каде n е бројот на фирмите. Можат да се дадат две критики на решението на Курно: прво, во неговата анализа, двете фирми дејствуваат независно, т.е. не учат од искуството; второ, основната претпоставка (дека едната фирма го зема производството на другата фирма како дадена) е целосно произволна.[1]

Покрај Курно, и други економисти понудиле свои решенија на проблемот на олигополот. Така, работејќи на примерот што го посочил Курно, Бертран тргнал од претпоставката дека рамнотежната до цена ќе се дојде така што втората фирма ја одредува својата цена под претпоставката дека првата фирма нема да ја промени неговата цена, а потоа првата фирма ја зема цената на другата фирма како дадена и ја формира својата цена итн. Еџворт, пак, претпоставува дека секоја поединечна фирма се соочува со некој максимален обем на производството и во тој случај, ако едната фирма го достигнала максималното производство, другата фирма ја го зголеми профитот, ако ја зголеми својата цена.[2]

Причини за постоење на олигопол

[уреди | уреди извор]

Кога се анализира проблемот на олигополот, основното прашање е: Зошто фирмите едноставно не постигнат меѓусебен договор за формирање монопол? Договорањето меѓу фирмите се соочува со два проблема: прво, ако одделните фирми се ангажираат во хетерогени трансакции, тогаш е тешко да се воспостави договор меѓу нив, зашто во тој случај тешко може да се определи монополската цена; второ, дури ако фирмите се договорат меѓу себем тешко е да се следи спроведувањето на договорот, т.е. секоај фирма има различни (неценовни) можности за лажење. Оттука, трошоците за склучување и надгледување на договорот се основната причина која го спречува монополското решение, а овие трошоци се поголеми ако: на пазарот дејствуваат повеќе фирми, ако е посложена производната структура (видот и количствата на производите, еластичноста на побарувачката на купувачите, итн.) и ако се почести промените на страната на понудата и побарувачката.[3]

Основните причини за постоењето на олигопол се сосотјат во пречките за влез на други фирми во индустријата. Притоа, пречките за влез произлегуваат од различни извори, како:[4]

  • економиите на обемот - притоа, постојат два вида економии на обемот: економии карактеристични за индустријата и економии на обемот во апсолутна смисла; ако во индустријата постојат економии на обемот, т.е. просечните трошоци може да се минимизираат само при поголем обем на производство, во тој случај може да постои простор само на неколку фирми во индустријата, зашто ако вкупното производство се подели на повеќе фирми, тогаш секоја поединечна фирма не ќе може да ги покрие просечните трошоци со продажната цена; апсолутните економии на обемот постојат заради несовршените пазари на капитал, т.е. ако производството во некоја индустрија бара голем почетен капитал, него не може да го обезбеди секој претприемач; на пример, секој претприемач не може да влезе во автомобилската индустрија, зашто не може да обезбеди голем капитал кој е потребен за да се направи фабрика за автомобили.[5]
  • разлики во факторите на производството - олигополот може да се појави и поради тоа што некои претприемачи располагаат со супериорни фактори на производството (посебна технологија, знаење, вештини итн.)[6]
  • правни пречки за влез - во некои дејности, влезот е условен од обезбедување посебни дозволи или лиценци (таксисти, радио-станици, банки итн.); исто така, важен извор на олигополите се патентите со кои пронаоѓачите имаат ексклузивно право да го користат својот производ во текот на определен број години.[7]
  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 216-219.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 229.
  3. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 219-220.
  4. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 220.
  5. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 221-225.
  6. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 225.
  7. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 225-227.