iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.
iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.



Link to original content: https://mk.wikipedia.org/wiki/Клод_Анри_де_Сен-Симон
Клод Анри де Сен-Симон — Википедија Прејди на содржината

Клод Анри де Сен-Симон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Анри де Сен-Симон
Роден(а)Клод Анри де Руврој, гроф Сен-Симон
17 октомври 1760(1760-10-17)
Париз, Франција
Починал(а)19 мај 1825(1825-05-19) (возр. 64)
Париз, Франција
Периодфилозофија
Подрачјезападна филозофија
Школасенсимонизам
социјализам
утописки социјализам
Претежна дејност
политичка филозофија

Клод Анри де Руврој, гроф Сен-Симон, познат како Анри де Сен-Симон (француски: [ɑ̃ʁi də sɛ̃ simɔ̃]; 17 октомври 1760 – 19 мај 1825), бил политички, економски и општествен теоретичар и трговец од Франција, кој имал значајно влијание врз политиката, економијата, социологијата и филозофијата на науката.

Сен-Симон е творец на политичка и економска идеологија позната како сенсимонизам според која потребите на индустриската класа, која истовремено ја нарекувал и работничка класа, треба да бидат признаени и исполнети за да има успешно општество и ефикасна економија.[10] За разлика од концепциите во рамки на индустријализираните општества, каде за работничка класа биле сметани луѓето кои се занимаваат исклучиво со мануелна работа, Сенсимоновата концепција за оваа класа од доцниот XVIII век ги вклучувала сите оние кои се занимавале со продуктивна работа полезна за општеството, како трговци, управители, научници и банкари, покрај мануелните работници[11].

Сен-Симон сметал дека главната закана за потребите на индустриската класа била друга класа, која тој ја именувал како безработна класа, која ги вклучувала сите оние што претпочитале да паразитираат на трудот на другите, избегнувајќи да се занимаваат со работа самите [12]. Сен-Симон ја нагласувал потребата за признавање на заслугите на поединецот и потребата од хиерархија на заслугите во општеството и економијата, како на пример, општеството да има хиерархиски поставени организации на менаџери и научници засновани на заслуги кои би ги носеле државните одлуки [13]. Сен-Симон силно го критикувал ширењето на сферите на интервенција на државата во економијата, надвор од отстранување на пречките за продуктивна работа, сметајќи ги овие интервенции за премногу наметливи [12].

Признавањето на социо-економскиот придонес на Сен-Симон, како и неговото просветителско валоризирање на научното знаење, набрзо го инспирирало и извршило влијание врз претставникот на утопискиот социјализам и либерализам, политичкиот теоретичар Џон Стјуарт Мил [14], врз анархизмот преку негиовиот основач Пјер-Жозеф Прудон, кој бил инспириран од идеите на Сен-Симон [15] и марксизмот, чии претставници Карл Маркс и Фридрих Енгелс го издвоиле Сен-Симон како инспирација за нивните идеи, сместувајќи го во групата на социјал-утописти.[14] Идеите и учењата на Сен-Симон исто така оствариле влијание врз социологот и економист Торстен Веблен, вклучително и Вебленовата институционална економија застапувана од еминентни економисти.[16]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Детство и младост

[уреди | уреди извор]

Анри де Сен-Симон е роден во Париз во аристократско семејство. Братучедот на неговиот дедо бил Гроф Сен-Симон.[17] "Кога бил млад човек, со немирен темперамент ... отишол во Америка каде се придружил на војската и учествувал во опсадата на Јорктаун под водство на Генерал Вашингтон."[18]

Сен-Симон покажувал амбиција од млада возраст. На својот слуга му наредил секое утро да го буди со зборовите "Запомнете, господине грофе, дека ве очекуваат значајни работи."[19] Меѓу неговите рани идеи спаѓа и онаа за поврзување на Атлантскиот и Тихиот Океан со канал, како и за конструкција на канал од Мадрид до морето.[20]

За време на Американската револуција, Сен-Симон им се придружил на Американците, верувајќи дека нивната револуција означува почеток на една нова ера.[21] Се борел покрај Жилбер де Мотје, Маркиз Лафајет помеѓу 1779 и 1783 и бил заробен од француските сили. По неговото ослободување се вратил во Франција да студира инженерство и хидраулика на Екол де Мезиер.[22]

На почетокот на Француската револуција во 1789, Сен-Симон веднаш ги поддржал идеалите за слобода, еднаквост, братство. Во првите години од револуцијата Сен-Симон се посветил на организирање на голема индустриска структура со цел да основа научна школа за напредокот. За остварување на овие цели му биле потребни ресурси, до кои доаѓал преку имотни шпекулации. Ова било можно само во првите револуционерни години, бидејќи растечката нестабилност и полтичката ситуација во Франција го спречиле да ги продолжи овие финансиски активности и да си го стави животот во опасност. Сен-Симон и Талиранд планирале да заработат за време на Јакобинската диктатура со план да ја купат катедралата Нотр Дам, да го отстранат нејзиниот метален кров кој и да го продадат како отпад. Сен-Симон бил уапсен под сомнение за вмешаност во контрареволуционерни активности. Бил ослободен во 1794 година со завршувањето на диктатурата на Јакобинците. По стекнувањето слобода, богатството на Сен-Симон нагло се зголемило поради депрецијација на валутата; но, набрзо потоа останал без ова богатство бидејќи било украдено од неговиот деловен партнер. Оттогаш Сен-Симон решава да се посвети на политички истражувања. По основањето на Политехничката школа во 1794, училиште за уметничко и научно образование поддржано од државата, Сен-Симон се вклучил во неговата работа.[23]

Возрасно доба

[уреди | уреди извор]
Анри де Сен-Симон, портрет од првата половина на 19 век

На речиси 40-годишна возраст започнал повеќе експерименти и проучувања за да ги прошири и разјасни своите гледишта. Еден од овие ескперименти бил бракот со Софи Бар во 1801 година, во кој стапил за да може да има свој салон. По една година бракот бил завршен на обострана согласност. Резултатот од неговите експерименти била длабока сиромаштија и во беда го поминал остатокот од животот. Првото од неговите многу дела, главно научни и политички, било "Писмата на еден граѓанин на Женева", издадено во 1802 година. Во неговото прво дело, Сен Симон повикува на создавање на религија на науката со Исак Њутн како светец. Околу 1814 година го напишал есејот "За реконструкцијата на европската заедница" и го испратил до Виенскиот конгрес. Предложил создавање на европско крластво, со центар во Франција и Велика Британија.[24]

Во 1817, во трактат наречен "Индустријата" започнал да ги пропагира своите социјалистички гледишта, го дополнително ги развил во "Организаторот" (1819), списание на кое соработувал со Жак Никола Огустен Тиери и Огист Конт. Една од клучните идеи на Сен-Симон била дека светот може да се поврзе преку канали.[23]

Индустријата бил сензација, но му донел малку приврзаници. Неколку години подоцна Сен-Симон ќе се соочи со финансиска пропаст и ќе мора да работи за да преживее. По неколку обиди да си ги поврати изгубените пари од поранешниот партнер, финансиска поткрепа добил од Диар, поранешен вработен, па во 1807 година бил во можност да ја објави втората книга Вовед во научните работи од 19 век. Диар починал во 1810 година и Сен-Симон повторно паднал во сиромаштија, овој пат и со нарушено здравје. Во 1813 бил испратен во санаториум, но со финансиска поддршка од поширокото семејство добива можност да се опорави и да се стекне со извесно интелектиално признавање во Европа. Во февруари 1821 година ја издава За индустрискиот систем, а во 1823-1824 објавена е Катехизмот на индустријалците.[25]

Смрт и влијание

[уреди | уреди извор]
Гробот на Сен Симон на гробишатата Пер Лашез, Париз

На 9 март 1823 година, разочаран од отсуството на резултати од неговата работа (се надевал дека ќе го води општеството кон напредок), Сен-Симон пробал да се самоубие.[26] Интересно е што и по шест испукани куршуми во пределот на главата останал жив, губејќи го единствено видот на едното око.[27]

Конечно, многу доцна во кариерата успеал да се поврзе со неколку посветени ученици. Последниот и најважен израз на неговите идеи е Новото христијанство (1825), кое не успеал да го заврши.

Сен-Симон е погребан на гробиштата Пер Лашез во Париз, Франција.

Индустријализам

[уреди | уреди извор]

Во 1817 Сен-Симон објавил манифест наречен Декларација на принципите во неговото дело Индустријата.[28] Декларацијата се однесувала за принципите на идеологијата наречена индустријализам која повикувала на создавање на индустриско општество водено од индустриската класа.[28] Индустриската класа, позната и како работничка класа, ги вклучувала сите луѓе вклучени во продуктивна дејност што придонесувала во општеството, посебно научниците и индустријалистите, но вклучувајќи ги и инженерите, трговците, управителите, банкарите, мануелните работници и други.[29]

Сен-Симон тврдел дека главната закана за потребите на индустриската класа била друга класа, што тој ја именувал како безработна класа, што вклучувала работоспособни лица кои претпочитале паразитски да егзистираат на трудот на другите, избегнувајќи каква било работа.[28] Оваа паразитска склоност на безработните сметал дека потекнува од природната мрзливост на човекот.[28] Верувал дека главната улога на државата во економијата е да обезбеди непречена продуктивност во економијата и да ја намали безработноста во општеството.[28]

Во Декларацијата Сен-Симон силно го критикувал ширењето на интервенциите на државата во економијата надвор од овие две главни економски улоги, велејќи дека кога државата ги надминува овие улоги, прераснува во "тирански непријател на индустријата" и дека индустриската економија ќе опаѓа како резултат на прекумерната државна интервенција.[28] Сен-Симон ја нагласувал потребата од признавање на заслугите на поединецот и потребата од хиерархија на заслуги во општеството и економијата, како создавање на хиерархиски организации засновани на заслугите на управители и научници кои би ги носеле државните одлуки.[29] Неговите гледишта биле сметани за радикални за своето време. Се надоврзувал на идеи на Просветителството кои ги предизвикувале црковните доктрини и стариот режим со идеите за прогрес преку науката и индустријата.[23]

Под влијание на отсуството на општествени привилегии што го посведочил во САД, Сен-Симон се откажал од својатаа аристократска титула и станал поддржувач на меритократијата, убеден дека науката е клучот кон прогресот и дека е возможно општеството да се развива врз основа на објективни научни принципи.[30] Сметал дека феудалниот поредок во Франција и на други места треба да се уништи и да се трансформира во индустриско општество.[31] Поради ова се смета за творец на концептот на индустриското општество.[31]

Економските гледишта и идеи на Сен-Симон биле под силно влијание на Адам Смит, кој Сен-Симон длабоко го почитувал и за кого зборувал како за „бесмртниот Адам Смит“.[2] Го споделувал гледиштето дека даноците треба да бидат што пониски за да постои пораведен индустриски систем.[2] Сен-Симон го застапувал намалувањето на државната интервенција во економијата за да се спречи нарушувањето на продуктивната работа.[2] Уште повеќе од Смит бил убеден дека државното управување со економијата е паразитско и непријателски насочено кон потребите за производство.[31] Како и Адам Смит, моделот на идеалното општество на Сен-Симон ги еманирало научните методи на астрономијата. За ова тврдел: „Астрономите ги прифаќаат оние факти што се потврдени со набљудување; го избрале системот што најдобро ги поврзува и оттогаш, никогаш не ја довеле науката во заблуда“.[32]

Сен-Симон на Француската револуција гледал како на побуна мотивирана од економски промени и класен конфликт. Во неговите анализи верувал дека решението за проблемите кои довеле до револуцијата е создавање на индустриско општество каде хиерархијата според заслугите и почитта кон продуктивната работа ќе бидат основата на општеството, додека наследните чинови на општествената и воената хиерархија ќе изгубат на значење бидејќи не се способни да водат едно продуктивно општество.[29]

Карл Маркс го идентификувал Сен-Симон како претставник на социјал-утопистите, додека историчарот Алан Рајан смета дека повеќе некои следбеници на Сен-Симон, повеќе отколку тој самиот, се одговорни за развивање на социјал-утопизмот.[29] Рајан исто така прави разлика помеѓу концепциите на Сен Симон и марксизмот, нагласувајќи дека Сен-Симон не заговара независно организирање на работничката класа како решение за општествените проблеми на капитализмот, ниту пак ја застапувал марксистичката дефиниција на работничката класа како исклучена од контрола над средствата за поризводство.[29] За разлика од Маркс, Сен-Симон не го сметал односот меѓу класните релации и средствата за производство за двигател на општествената динамика, туку формата на нивното раководење.[29] Дополнително, Сен-Симон не бил критички настроен кон капиталистите како ексклузивни сопственици, колаборатори, контролори и носители на одлуки. На нив гледал повеќе како на важен дел од „индустриската класа“[33] Ryan further suggests that by the 1950s it was clear that Saint-Simon had presaged the "modern" understanding of industrial society.[29]

Феудализам и аристократија

[уреди | уреди извор]

Наспроти хеирархиите на феудализмот и војската - првата зајакната во периодот на Реставрацијата - Сен-Симон застапувал уредување во форма на технократски социјализам, уредување во чии рамки индустриските водачи ќе го контролираат општеството, слично на филозофите во Платоновата држава. Наместо средновековната црква, духовното водство на општеството треба да го преземат научниците. Оние што се стручни да го организираат општеството за продуктивна дејност имаат право да владеат со него. Конфликтот помеѓу работата и капиталот, нагласен во социјалистичката мисла, не е присутен во делото на Сен-Симон, со претспоставката дека индустриските водачи би владееле во интересите на општеството. Подоцна, неговото дело Новото христијанство ќе земе форма на религија, што ќе доведе до неговото разидување со Конт.

Религиозни гледишта

[уреди | уреди извор]

Пред објавувањето на Новото христијанство, Сен-Симон не се занимавал со теологија. Во ова дело започнува од вербата во Бог, додека предметот на овој трактат е сведување на христијанството на неговите основни елементи. Ова го прави преку ослободување од догмите и други додатоци и грешки што според него се собрале околу католицизмот и протестантизмот. Како сеопфатна формула на новото христијанство ја наведува следната поука: „Целото општество треба да се стреми кон подобрување на моралното и физичкото постоење на најсиромашната класа; општеството треба да се организира на начин кој е најдобро прилагоден за постигнување на оваа цел.“[34] Ова е водечки принцип во религиозните идеи на Сен-Симон.

Влијание

[уреди | уреди извор]

За време на животот на Сен-Симон неговите идеи оствариле сосема мало влијание; по смртта оставил неколку верни следбеници кои продолжиле да ги шират доктрините на својот учител, кој го сметале за пророк. Најзначајниот меѓу нив е Огист Конт.[35]

Значаен момент за промовирање на идеите на Сен-Симон се серијата предавања на Аман Базар во Париз, 1828 година. Во нив, Базар дава „делатен осврт на верата на Сен-Симон“. Ноговото Експозе на доктрината на Сен-Симон , објавено во два тома во периодот 1828-1830, дополнително го проширил кругот на следбеници.

Француската феминистка, социјалистка и писателка Флора Тристан (1830-1844) тврдела дека Мери Волстонкрафт, авторка на Одбрана на правата на жената, ги антиципирала идеите на Сен-Симон една генерација порано.[36] [dubious ]

Фридрих Енгелс го нарекува Сен-Симон „еден од тројцата големи утописти (Сен-Симон, Фурие, Овен) кој истапувале како застапници на интересите на пролетеријатот“, истакнувајќи дека „имал генијална ширина на погледите“ и дека „во него се наоѓаат ’ркулците на целокупната не строго економска мисла на подоцнежните социјалисти“..[37]

Библиографија

[уреди | уреди извор]

Сен-Симон ги презентирал своите гледишта во поевеќе дела:

  • Lettres d'un habitant de Genève à ses contemporains (1803),
  • L'Industrie (1816-1817),
  • Le Politique (1819),
  • L'Organisateur (1819-1820),
  • Du système industriel (1822),
  • Catéchisme des industriels (1823-1824),
  • Nouveau Christianisme (1825).
  • Едно издание на делата на Сен-Симон и Енфантен било објавено од преостанатите следбеници на сектата.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Jeremy Jennings. Revolution and the Republic: A History of Political Thought in France Since the Eighteenth Century. Oxford University Press, 2011. p. 347.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Gregory Claeys. Encyclopedia of Nineteenth-century Thought. Oxon, UK: Routledge, 2005. p. 136.
  3. 3,0 3,1 3,2 Pilbeam, Pamela M. (2014). Saint-Simonians in Nineteenth-Century France: From Free Love to Algeria. Springer. стр. 5.
  4. John Powell, Derek W. Blakeley, Tessa Powell. Biographical Dictionary of Literary Influences: The Nineteenth Century, 1800-1914. Greenwood Publishing Group, 2001. p. 267.
  5. Jean-René Suratteau, "Restif (de la Bretonne) Nicolas Edme", in: Албер Собул (ed.), Dictionnaire historique de la Révolution française, Paris, PUF, 1989, 2nd ed. Quadrige, 2005, pp. 897–898.
  6. Nicholas Capaldi. John Stuart Mill: A Biography. Cambridge University Press, 2004. pp. 77–80.
  7. Rob Knowles. Political Economy from Below: Economic Thought in Communitarian Anarchism 1840-1914: Economic Thought in Communitarian Anarchism, 1840-1914. Routledge, 2013. p. 342.
  8. Koslowski, Stefan (2017). „Lorenz von Stein as a disciple of Saint-Simon and the French Utopians“. Revista europea de historia de las ideas políticas y de las instituciones públicas. 11.
  9. Horowitz, Irving Louis, Veblen's Century: A Collective Portrait (2002), p. 142
  10. "Keith Taylor 1975. Pp. 158-161">Keith Taylor (ed, tr.). Henri de Saint Simon, 1760-1825: Selected writings on science, industry and social organization. New York, USA: Holmes and Meier Publishers, Inc, 1975. pp. 158–161.
  11. "Alan Ryan Pp 647-651">Alan Ryan. On Politics. Book II. 2012. pp. 647–651.
  12. 12,0 12,1 "Keith Taylor 1975. Pp. 158-161"
  13. "Alan Ryan Pp 647-651
  14. 14,0 14,1 "Alan Ryan Pp 647-651"
  15. "Rob Knowles 2013. P.342"
  16. Vincent Mosco. The Political Economy of Communication. SAGE, 2009. p. 53.
  17. „Britannica“. Архивирано од изворникот на 2021-02-24. Посетено на 2020-12-09.
  18. Isaiah Berlin, Freedom and Its Betrayal, Princeton University Press, 2002, p. 109
  19. Busky, Donald F.: "Communism in History and Theory: From Utopian Socialism to the Fall of the Soviet Union"
  20. Manuel, Frank E.: "The Prophets of Paris", Harper & Row 1962
  21. Karabell, Zachary (2003). Parting the desert: the creation of the Suez Canal. Alfred A. Knopf. стр. 25. ISBN 0-375-40883-5.
  22. Hasan, Samiul; Crocker, Ruth; Rousseliere, Damien; Dumont, Georgette; Hale, Sharilyn; Srinivas, Hari; Hamilton, Mark; Kumar, Sunil; Maclean, Charles (2010), „Saint-Simon, Claude-Henri de Rouvroy (Comte de)“, Во Anheier, Helmut K.; Toepler, Stefan (уред.), International Encyclopedia of Civil Society (англиски), Springer US, стр. 1341–1342, doi:10.1007/978-0-387-93996-4_811, ISBN 9780387939940
  23. 23,0 23,1 23,2 Karabell, Zachary (2003). Parting the desert: the creation of the Suez Canal. Alfred A. Knopf. стр. 26. ISBN 0-375-40883-5.
  24. Dosenrode, Søren (1998). Danske EUropavisioner. Århus: Systime. стр. 11. ISBN 87-7783-959-5.
  25. Saint-Simon, Henri (2012-11-14). Œuvres complètes de Saint-Simon: 4 volumes (француски). Presses Universitaires de France. ISBN 978-2-13-062090-7.
  26. Pickering, Mary (2006-04-20). Auguste Comte: Volume 1: An Intellectual Biography (англиски). Cambridge University Press. стр. 231. ISBN 978-0-521-02574-4.
  27. Trombley, Stephen (2012-11-01). Fifty Thinkers Who Shaped the Modern World (англиски). Atlantic Books. ISBN 978-1-78239-038-1.
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 28,4 28,5 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Keith Taylor 1975. Pp. 158-161.
  29. 29,0 29,1 29,2 29,3 29,4 29,5 29,6 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Alan Ryan Pp 647-651.
  30. Newman, Michael. (2005) Socialism: A Very Short Introduction, Oxford University Press, ISBN 0-19-280431-6
  31. 31,0 31,1 31,2 Murray E. G. Smith. Early Modern Social Theory: Selected Interpretive Readings. Toronto, Canada: Canadian Scholars Press, Inc, 1998. p. 80.
  32. Murray E. G. Smith. Early Modern Social Theory: Selected Interpretive Readings. Toronto, Canada: Canadian Scholars Press, Inc, 1998. pp. 80–81.
  33. Arthur Bernie. An Economic History of Europe 1760-1930. Routledge, 1930 (original), 2010. p. 113.
  34. Saint-Simon (1825). Nouveau christianisme (New Christianity). Paris, France.
  35. Karabell, Zachary (2003). Parting the desert: the creation of the Suez Canal. Alfred A. Knopf. стр. 27. ISBN 0-375-40883-5.
  36. Promenades dans Londres, first published 1840. Page 276, Broché edition (2003) from La Découverte.
  37. „Регистар имена“, во: Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 189.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со: