iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.
iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.



Link to original content: https://mk.wikipedia.org/wiki/Гален
Гален — Википедија Прејди на содржината

Гален

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гален
Портрет на Гален од 18 век, насликан од Георг Паул Буш
Роден(а)септември 129 година
Пергам
Починал(а)ок. 210 година
ЗанимањеЛекар

Елиј Гален или Клавдиј Гален (грчки: Κλαύδιος Γαληνός; септември 129 – ок. 200/ок. 216), попознат како Гален од Пергам[1] — познат грчки лекар и филозоф во Римското Царство.[2][3][4] Тој бил еден од најпознатите истражувачи на полето на медицината во античкиот период, кој влијаел врз развојот на различни медицински дисциплини и на други научни дисциплини, како на пример: анатомијата,[5] физиологијата, патологијата, фармакологијата,[6] неврологијата, како и на филозофијата и логиката.

Како син на богатиот архитект Елиј Никон, Гален од најраното детство ја имал привилегијата да се здобие со квалитетно образование, што му овозможило понатаму во животот да изгради успешна кариера како познат лекар и филозоф. Роден во Пергам (денешна Бергама, Турција), Гален често патувал во текот на својот живот, поради што бил постојано изложуван на разни медицински теории и откритија. По неговото конечно населување во престолнината Рим, тој работел за истакнати членови на римското општество, дури станал и личен лекар на неколку римски цареви.

Галеновото разбирање за медицината и анатомијата се основало на теоријата на хумор или теоријата за четирите телесни сока (крв, слуз, жолта жолчка и црна жолчка), која теорија потекнува од времето на старогрчкиот лекар Хипократ. Оваа теорија се задржала и имала големо влијание врз западната медицина повеќе од 1300 години. Описот на анатомската градба кај Гален се засновала врз описот на секцирањето на мајмуни (посебно на берберските макаки мајмуни) и свињи, затоа што секцирањето на луѓе во тоа време не било дозволено. Неговите записи од анатомските испитувања биле надминати дури во 1543 година, кога била објавена книгата De humani corporis fabrica од Андреас Везалиус каде биле испечатени описи и илустрации на човековата анатомија,[7][8] но во која сѐ уште била задржана Галеновата физиолошка теорија.[9] Теоријата на Гален за физиологијата на циркулаторниот систем останала неоспорена до 1242 година, кога Ибн ал-Нафис ја објавил својата медицинска енциклопедија Sharh tashrih al-qanun li’ Ibn Sina (Коментар за анатомијата во канонот на Авицена), во која за првпат била прикажана белодробната циркулација.[10]

Гален себеси се сметал и како лекар и како филозоф, што го напишал во своето дело „Најдобриот доктор е исто така и филозоф“.[11][12][13] Тој исто така бил заинтересиран за дебатата помеѓу рационалистичките и емпириските медицински гледишта,[14] а неговата обука на студентите преку непосредно набљудување, секцирање и вивисекција претставувало комбинација на овие две различни медицински гледишта.[15][16][17] Поради тоа неговото објаснување на поимот болест се нарекува синтетичка концепција на болестите. Многу од неговите дела се сочувани и/или преведени од оригиналниот грчки јазик, а дел од нив се или уништени или, пак, некои дела, кои му се припишуваат, се лажни. Во 1530-тите години, белгискиот лекар и анатом Андреас Везалиус превел многу од записите на Гален од грчки на латински јазик. Неговото најпознато дело De humani corporis fabrica било напишано под влијание на делата на Гален.

Младост (129 – 161 година)

[уреди | уреди извор]

Името на Гален, Γαληνός, Galēnos, е изведено од придавката „γαληνός“, што значи „смирен“.[18]

Самиот Гален своето детство го опишал во делото „За афекциите на умот“. Тој е роден во септември 129 година во Пергам (денешна Бергама, Турција). Неговиот татко, Елиј Никон, бил богат патрициј, архитект и градител, со широки познавања од филозофијата, математиката, логиката, астрономијата, земјоделството и литературата. Гален го опишал својот татко како пријателски настроен, праведен и добродушен човек. Во тоа време Пергам бил важен културен и интелектуален центар, познат по својата библиотека која била втора веднаш по познатата Александриска библиотека.[19] Во Пергам се собирале познати филозофи од стоичката и платонската школа, со кои Гален бил запознаен од својата 14 година. Во неговите студии биле опфатени и принципите на филозофските учења од тоа време, како што се учењата на Аристотел и Епикур. Татко му сакал да продолжи со традиционално школување по филозофија и политика, па затоа го насочувал кон филозофијата и литературата. Но, според кажувањата на самиот Гален, околу 145-тата година, во сон на татко му се јавил богот Асклепиј (богот на медицината) и му наредил на Никон да го прати сина си на студии по медицина. На 16 години Гален почнал да изучува медицина во престижното локално светилиште, или Асклепион, посветено на богот Асклепиј. Во текот на учењето, кое траело 4 години, тој имал познати ментори, лекари од тоа време: Есхарион од Пергам, Стратоникус, Сатирус и други. Светилиштето тогаш функционирало и како бања или санаториум, каде болните барале помош од свештенството. Римјаните често оделе во храмот во Пергам да бараат медицинска помош за нивните заболувања. Храмот бил често посетуван и од видни луѓе како, на пример, познатиот старогрчки оратор Елиј Аристид, софистот Антониј Полемон, конзулот Каспиј Руфин и историчарот Клавдиј Харакс.

Во 148 година, кога Гален имал 19 години, татко му починал, оставајќи му богато наследство. Поучен од Хипократовото учење, тој почнал многу да патува и студирал во тогаш познатите места како, на пример, Смирна, Крит, Коринт, за да конечно дојде и до Александрија, во големото медицинско училиште, каде се практикувале разни медицински учења и пракси. Во 157 година, на своја 28 годишна возраст, Гален се вратил во Пергам, каде работел како лекар на гладијаторите, кај првосвештеникот од Азија, еден од најбогатите и највлијателни луѓе во тоа време. Таму поминал четири години и ја научил важноста на исхраната и вежбањето, хигиенските и превентивните мерки, третманите на фрактури и тешки повреди, заклучувајќи дека раните се „прозорци на телото“. За време на неговата лекарска пракса биле евидентирани само пет смртни случаи на гладијатори, во споредба со 60 смртни случаи во времето на неговиот претходник, што се објаснува со посебното внимание кое тој го посветил на лечењето на повредите и здобиените рани. Заедно со праксата, тој се занимавал и со студии по теоретска медицина и филозофија.[20][21]

Подоцнежни години (162 – 217 година)

[уреди | уреди извор]
Статуа на Гален во неговиот роден град, Пергам.

Во 162 година, Гален отишол во Рим, како веќе познат лекар-практичар. Неговите методи во медицината биле противречни на поконзервативната пракса на неговите колеги од Рим, што било причина за конфликт со етаблираниот медицински круг во главниот град на империјата. Кога непријателството помеѓу нив станало сериозно, плашејќи се да не биде протеран или отруен, тој го напуштил Рим.

Во 161 година, Рим влегол во војна, имено императорите Марко Аврелиј и Луциј Вер на северните граници од Римското Царство се бореле против германското племе Маркомани.[22] Во есента 169 година, кога римските војници се враќале во Аквилеја, избувнала чума, поради која римскиот цар побарал од Гален да се врати во Рим. Од него било побарано да ги придружува Марко Аврелиј и Луциј Вер во походот во Германија како дворски лекар. Следната пролет, по барање на храмот Асклепион, кој бил против таквото ангажирање на Гален, Марко Аврелиј бил принуден да го ослободи Гален од таа должност. Тој бил оставен да работи како лекар на престолонаследникот Комод. Во тој период Гален интензивно пишувал од областа на медицината. Иронично, и двајцата императори, прво Луциј Вер во 169 година, а потоа и Марко Аврелиј во 180 година, починале од чумата.

Гален бил личен лекар на царот Комод до крајот на неговиот живот, лечејќи го од обични и чести заболувања. Според историчарот Касиј Дион, околу 189 година, за време на владеењето на Комод, избила епидемија на чума во Рим, со исклучително висок морталитет, кој достигнувал и до 2000 починати во текот на еден ден во Рим, кога епидемијата била на својот врв. Веројатно таа била истата епидемија која се случила за време на владеењето на Марко Аврелиј.

По Комод, Гален бил лекар и на царот Септимиј Север и неговиот син Каракала, кој го наследил на престолот.

Антониниевата чума

[уреди | уреди извор]
Група на лекари насликани на една од сликите на Виенскиот диоскорид; Гален е прикажан горе, во средина.

Антониниевата чума е наречена според презимето на царот Марко Аврелиј – Антониниј. Епидемијата се нарекува уште и Галенова чума, затоа што се случила во времето на Гален, а и самиот тој бил повикан да преземе мерки за нејзина санација. Тој имал можност непосредно да се запознае со епидемијата при нејзиното првично ширење во 166 година во Рим, и подоцна меѓу 168-169 година при нејзиното повторно избувнување во редовите на римската војска стационирана во Аквилеја. Тој ги опишал симптомите на болеста и третманот, истакнувајќи го нејзиното долго траење. За жал, неговите наводи за болеста биле кратки и расфрлени, и според нив не може да се заклучи која болест била причина за тешката епидемија. Неговата заинтересираност за епидемијата била главно фокусирана на нејзиниот третман. На пример, во описот на заболен млад човек, во текот на епидемијата, тој се концентрирал на третманот на внатрешните и надворешните улцерации. Епидемијата, која започнала за време на владеењето на Марко Аврелиј, била погубна за Римското Царство. Стапката на морталитет била меѓу 7-10%, а во периодот меѓу 165-168 година, таа била причина за смрт на 3,5 до 5 милиони луѓе. Според германскиот историчар Ото Зеек, околу половина од популацијата на Римското Царство во тој период починала од епидемијата. Американскиот историчар на стариот век, Џ. Ф. Гилијам, верува дека оваа епидемија однела повеќе животи отколку било која друга епидемија во империјата до средината на третиот век. Се смета дека причината за Галеновата епидемија била големата сипаница. Податоците кои ги оставил Гален не се доволни за да се даде точна дијагноза на болеста која ја предизвикала оваа епидемија.

Гален опишал црн егзантем кој го покривал целото тело на болните. Егзантемот на места каде не егзулцерирал станувал груб и крастав. Тој тврдел дека лицата кои имале црн осип обично преживувале и, според Гален, тој станувал црн поради путрификација на заостанатата крв во гнојните меури. Галеновиот опис на осипот многу потсетувал на описот на ист таков кој го дал старогрчкиот историчар Тукидид. Гален дал опис и на промените во дигестивниот систем преку опис на дијарејата и изметот кај пациентите. Изметот бил црн кај пациентите кои умирале, а исходот на болеста зависел многу од тежината на интестиналните лезии. Тој забележал дека во случаите каде изметот не бил црн, избивал црн осип. Гален опишал симптоми на грозница, повраќање, лош здив, кашлица и улцерации на грлото и душникот кај оваа болест.

Кога перипатетичниот филозоф Еудемус се разболел од маларија, Гален се чувствувал обврзан да го лечи „бидејќи тој ми беше учител и поради тоа што живеам во негова близина.“ Гален за овој случај напишал: „Се враќам на случајот Еудемус. Тој беше тешко засегнат од трите напади на грозницата и докторите се откажаа од него бидејќи беше средина на зима.“[23] Дел од римските лекари го критикувале Гален за користење на прогноза во третманот на Еудемус. Галеновата пракса била во конфликт со тогашните стандарди за медицински третман кој се засновал на божественото и мистицизмот, но тој сепак ги бранел своите методи. Историчарот на медицината Луис Гарсија Баљестер ги цитира зборовите на Гален: „За да може да се дијагностицира, прво мора да се опсервира и размисли. Овој негов став би основа за неговата критика кон лекарите кои постапувале алогос и аскептос (неразумно).“ Сепак, Еудемус го предупредил Гален дека конфронтацијата со тие лекари може да доведе до негово убиство.[23]

Луис Гарсија Баљестер ја објаснува употребата на медицинската прогноза кај Гален: „Во современата медицина постои разграничување меѓу дијагностичка проценка (заснована на научно сознание за тоа што има пациентот) и прогностичка проценка (претпоставка за тоа што ќе се случи со пациентот). За Гален, да се разбере клиничкиот случај според факти (односно да се дијагностицира) значело, меѓу другото, да се знае со поголема или помала сигурност исходот кај пациентот. Да се прогнозира бил еден од суштинските проблеми и најважните цели на Галеновата дијагноза. Гален бил засегнат со раздвојувањето на прогнозата од мистицизмот и пророштвото, сѐ со цел да се подобри дијагностицирањето со употребата на факти, а со што би пораснал и угледот на лекарите.[24]

Според византиската енциклопедија Суда од 11 век, Гален починал на 70-годишна возраст, што би значело некаде околу 199-тата година. Но според арапските извори,[25] тој починал на 87 годишна возраст во Сицилија, по 17 години студирање на медицина и 70-годишна пракса, што би значело дека починал 217-тата година. Будон-Милот се согласува со овие извори и смета дека починал 216-тата година.[26]

Придонеси за медицината

[уреди | уреди извор]

Гален дал голем придонес за Хипократовото разбирање на патологијата. Според Хипократовата теорија на телесните течности (хумори) разликите во расположенија кај човекот се резултат на нерамнотежата во една од четирите телесни течности: крв, слуз, црна жолчка и жолта жолчка. Покрај тоа што ја промовирал оваа теорија, Гален направил и типизирање на човековите темпераменти според оваа теорија. Според Гален, нерамнотежата во било кој хумор одговара на одреден човеков темперамент: крв—сангвиник; црна жолчка—меланхолик, жолта жолчка—колерик и слуз—флегматик. Според ова, лицата со сангвиничен темперамент се екстровертни и социјални, колериците имаат страст и харизма, меланхолиците се креативни, љубезни и внимателни, а флегматиците се одликуваат со зависност, љубезност и афекција.[27]

Гален дисецира мајмун - слика на Хосе Марија Велосо Салгадо од 1906 година.

Главниот интерес на Гален била анатомијата на човекот. Римското право забранувало дисекција на луѓе,[28] па затоа Гален правел анатомски дисекции на животни, претежно на свињи и мајмуни. Тој верувал дека анатомската градба на животните се одразува и кај луѓето. Ја разјаснил анатомијата на трахејата и бил прв кој покажал дека гласот се создава во ларинксот.[29][30] Работата на Гален на полето на анатомијата останала ненадмината до 16 век во Европа. Дури во средината на 16 век, Андреас Везалиус ја оспорил анатомијата на Гален со дисекција на човечки трупови.

Меѓу најголемите придонеси на Гален во медицината е неговата работа на циркулаторниот систем. Тој бил првиот кој ја забележал разликата помеѓу артериската и венската циркулација. Верувал дека циркулаторниот систем се состои од два одвоени еднонасочни системи на дистрибуција, а не дека тоа е единствен унифициран систем на циркулација. Верувал дека венската крв се создава во црниот дроб, од каде се дистрибуира во сите органи на телото. Според него, артериската крв потекнувала од срцето од каде се дистрибуирала низ сите органи. Крвта била регенерирана или во црниот дроб или во срцето, комплетирајќи го циклусот. Верувал во постоењето на rete mirabile, мрежа на крвни садови во каротидниот синус. И двете негови теории за циркулација на крвта биле погрешни, што било докажано со трудовите на Ибн ал-Нафис.[31] Иако имало погрешни толкувања, сепак неговите истражувања за анатомијата на животинските модели овозможиле подобри толкувања за циркулаторниот, нервниот и респираторниот систем.

Во своето дело De motu musculorum, Гален ја објаснил разликата помеѓу моторните и аферентните нерви, дискутирал за концептот на мускулниот тонус и ја објаснил разликата меѓу агонистите и антагонистите.

Гален бил вешт хирург, но многу од неговите процедури и техники, посебно на мозокот и очите, не биле користени со векови после него. За исправка на перде Гален користел оперативна техника слична на денешната. Користејќи инструмент во форма на игла, тој ја отстранувал оштетената леќа од окото.[32] Иако многу историчари тврделе дека Гален верувал дека леќата е сместена во центарот на окото, тој сепак подразбирал дека таа е сместена во предниот сегмент на окото.[33]

Гален го бранел и промовирал учењето на Хипократ и неговите методи, како што се венесекцијата и пуштањето на крв, методи кои биле непознати во Рим. Тие методи биле остро критикувани од следбениците на грчкиот анатом Еразистрат, кој сметал дека овие процедури би имале сериозни последици затоа што, според него, во вените не тече крв туку пнеума (циркулирачки воздух неопходен за функционирање на виталните органи). Сепак Гален жестоко ја бранел венесекцијата во своите три книги на таа тема, во неговите демонстрации и во јавните расправи.

Придонеси за филозофијата

[уреди | уреди извор]

Иако главен фокус на Гален биле анатомијата и физиологијата, тој пишувал и за логиката и за филозофијата. Неговите трудови биле под влијание на раните грчки и римски филозофи, вклучувајќи ги Платон, Аристотел и стоиците. Тој сакал да ја сплоти филозофската мисла со медицинската практика, што го напишал во своето кратко дело „Најдобриот лекар е исто така и филозоф“. Тој ги комбинирал аспектите и од двете науки, создавајќи свои оригинални размислувања. Медицината ја сметал за интердисциплинарно поле, во кое најдобрата пракса ги соединува теоријата, опсервацијата и експериментирањето.

Во времето на Гален, постоеле неколку филозофски сфаќања во медицината, но главни биле емпиристите и рационалистите (наречени уште и догматичари или филозофи), а помала група биле методистите. Емпиристите ја нагласувале важноста на физичката пракса и експериментирањето или „активното учење“ во медицината. Директно спротивставени на емпиристите биле рационалистите, кои го ценеле учењето на веќе етаблираните теории со цел да се создаваат нови во име на медицинскиот напредок. Меѓу овие две учења било учењето на методистите, кои не го претпочитале експериментирањето како емпиристите, ниту пак теоретизирањето како рационалистите. Тие го фаворизирале само набљудувањето, покажувајќи поголем интерес во изучувањето на природниот тек на болестите отколку пронаоѓањето на лекови за нејзино санирање. Галеновата едукација ги опфатила петте големи филозофски учења од тој период (платонисти, перипатетичари, епикурејци, пиронисти и стоици), а неговите учители биле и од рационалистичките и од емпиристичките струи.

Опозиција кон стоиците

[уреди | уреди извор]

Гален бил познат по неговите достигнувања од медицината, но исто така бил ангажиран и на полето на филозофијата. Тој го развил сопствениот модел за трипартитна душа, следејќи ги примерите на Платон, поради што некои го нарекувале и платонист. Гален ја развил теоријата на персоналитет заснована на неговото разбирање на теоријата на телесните течности кај луѓето и верувал дека менталните нарушувања имаат физиолошка основа. Неговите сфаќања биле спротивставени на дефиницијата на стоичарите за пнеумата. Според Гален, стоиците не успеале да дадат веродостоен одговор за локализацијата на функциите на душата или умот. Низ сопствената медицинска пракса тој бил убеден дека нашол подобар одговор, а тоа бил мозокот. Стоиците сметале дека душата има само еден дел – рационална душа, за која сметале дека може да се најде во срцето. Гален следејќи ја Платоновата идеја, сметал дека душата има уште два дела.

Локализација на функцијата

[уреди | уреди извор]

Во едно од своите најголеми дела „За доктрините на Хипократ и Платон“, Гален се обидел да го покаже единство на двајцата великани во нивните видувања. Користејќи ги нивните теории, комбинирани со оние на Аристотел, Гален ја развил својата теорија за троделната душа, која содржела слични аспекти.[34] Тој ги употребувал истите термини на Платон, велејќи дека душата се состои од рационален, спиритуален и апетитивен дел. Секој од овие делови имал своја локализација во телото. Рационалниот дел од душата бил во мозокот, спиритуалниот дел бил во срцето, а апетитивниот во црниот дроб. Гален бил првиот научник и филозоф кој на душата и дал одредена локализација во телото. Оваа идеја денес се нарекува „локализација на функцијата“. Овие Галенови тврдења биле за тоа време револуционерни и биле претходник на идните теории за локализација.

Гален верувал дека секој дел од троделната душа контролира специфична функција во телото и дека таа како целина придонесува за здравјето на телото, зајакнувајќи ги „природните функционални капацитети на органот или органите за кои станува збор“. Рационалниот дел на душата контролира повисоко ниво на когнитивното функционирање во организмот, на пример, правејќи избори, или спознавање на светот и праќање на тие сигнали до мозокот. Тој дел е исто така одговорен за имагинација, паметење, сеќавање, знаење, мислење, анализа, волни движења и чувства. Спиритуалниот (духовниот) дел од душата е одговорен за „битисувањето“, за страстите, како, на пример, лутината. Овие страсти се сметале за посилни во однос на редовните емоции и поради тоа се сметале за поопасни. Третиот дел од душата, или апетитивната (желбена) душа, ги контролира животните сили во човековото тело, меѓу кои најважна била крвта. Овој дел од душата, исто така, ги контролира задоволствата на телото и затоа е поттикнувана од чувствата на уживање. Третиот дел од душата е анималистички, односно тоа е поприродната страна на душата, и се справува со природните потреби на телото и инстинктите за преживување. Гален сметал дека кога душата е насочена кон премногу уживања, таа доаѓа во состојба на „инконтиненција“, „раздразливост“ и неспособност за волно (намерно) прекинување на уживањето, што е негативна последица на премногу уживање.

За да ги усогласи своите теории за душата и како таа функционира во телото, Гален ја адаптирал теоријата за пнеума, која ја употребил за да објасни како душата оперирала во рамките на органите одговорни за неа, и како тие органи комуницираат меѓу себе. Гален затоа правел разлика помеѓу витална пнеума во артерискиот систем од психичката пнеума во мозокот и нервниот систем. Виталната пнеума ја лоцирал во срцето, а психичката пнеума во мозокот. За оваа цел, тој направил многу анатомски студии на животни за да ја проучи транзицијата од виталната во психичката пнеума. Иако бил критикуван за споредување на анатомијата на животните со анатомијата на човекот, Гален бил убеден дека неговото познавање на анатомија било доволно богато за да двете анатомии ги базира една на друга.

Проблемот на ум-тело

[уреди | уреди извор]

Гален верувал дека нема разлика помеѓу менталното и физичкото.[35] Во тоа време ова тврдење било контроверзно, а Гален се согласувал со грчката школа дека умот и телото не се посебни делови. Токму со ова тврдење Гален најмногу им се спротивставувал на стоиците.[36] Гален предлагал и кои органи во телото биле одговорни за специфични функции, повеќе отколку поединечни делови. Според Гален, недостатокот на научното потврдување кај стоиците ги дискредитирало нивните тврдења за одвоеноста на телото и умот, поради што тој бил строго спротивставен на нив.

Психотерапија

[уреди | уреди извор]

Друг голем труд на Гален бил „За дијагнозата и лечењето на страстите на душата“, во кој тој дискутирал како да се пристапи кон и како да се лечат психолошките проблеми.[37] Тоа било едно од раните залагања на Гален, кое подоцна било наречено психотерапија. Книгата содржела упатства како да се советуваат оние со психолошки проблеми, за да се поттикнат да ги откријат своите најдлабоки страсти и тајни, што би помогнало во излекувањето на менталниот проблем. Терапевтот според него, требал да биде маж, по можност постар мудар маж, ослободен од контрола на страстите. Овие страсти, според Гален, ги предизвикувале психолошките проблеми кај луѓето.

Објавени трудови

[уреди | уреди извор]
De curandi ratione
Galenou apanta (1538)

Гален напишал повеќе дела отколку било кој друг автор во античкиот период, натпреварувајќи се по бројноста на делата со Свети Августин. Неговото творештво било толку обемно, што сочуваните текстови се речиси половина од постоечката литература од Стара Грција. Се претпоставува дека тој имал најмено дваесет запишувачи кои ги запишувале неговите зборови, а исто така се претпоставува дека имал напишано околу 500 трактати,[38] со вкупно околу 10 милиони зборови. Многу од неговите дела, посебно од филозофијата, биле уништени 191-тата година при пожар во Храмот на мирот, во Рим.

Бидејќи делата на Гален во антиката не биле преведени на латински јазик, а поради пропаѓањето на Западната римска империја изучувањето на Гален, заедно со грчката медицинска традиција, пропаднало во заборав во Западна Европа за време на раниот среден век, кога малкумина од латинските научници знаеле да читаат на грчки јазик. Сепак, Гален и старогрчката медицина продолжиле да се изучуваат во Источното Римско Царство (Византиското Царство). Сите сочувани грчки ракописи на Гален биле препишувани од византиските научници. Во текот на Абасидскиот период (по 750-тата година), Арапите за првпат почнале да се интересираат за грчките научни и медицински текстови, па некои од Галеновите дела биле преведени на арапски јазик од страна на сириските христијански изучувачи. Поради тоа, постојат Галенови текстови сочувани само на арапски јазик,[39] додека дел од нив се сочувани како превод од арапски на латински јазик. Во некои случаи научниците се обидувале да преведат од латински или арапски јазик на грчки јазик, таму каде оригиналот на грчки бил изгубен.[40]

Фалсификувањето на Галеновите дела било распространето уште во негово време, а продолжило сѐ до ренесансата. Фалсификатите биле на латински, арапски и грчки јазик. Не постои ниту една авторитативна збирка на неговите дела, а контроверзноста околу автентичноста на неговите текстови сѐ уште важи за голем дел од делата кои му се припишуваат.

Направени се разни обиди за класификација на творештвото на Гален. На пример, Коксе (1846 година) навел Пролегомена, или воведни книги, по кои следеле седум трактати кои ја опфаќале физиологијата (28 тома на книги), дванаесет трактати по хигиена, деветнаесет од етиологијата, четиринаесет по семиотиката, десет од фармацијата, четири за пуштање на крв и седумнаесет книги за терапевтици, а во прилог биле и четири афоризми и лажни дела.[41] Најкомплетниот компендиум (збирка) бил тој на Карл Готлоб Кин од Лајпциг, направен меѓу 1821 и 1833 година, кој ги надминал дури и современите проекти, како што е Corpus medicorum graecorum.[42] Оваа збирка се состои од 122 труда на Гален, преведи од грчки на латински јазик, а текстот е претставен и на двата јазика. Збирката има 22 тома, со 22.000 страници и 676 индексни единици. Многу од делата на Гален се вклучени во Thesuarus Linguae Graecae – дигитална библиотека на грчката литература започната во 1972 година. Друг современ извор на Галеновите дела е Француската библиотека на универзитетот по медицина BIUM (Bibliothèque interuniversitaire de médecine, BIUM)

Наследство

[уреди | уреди извор]

Доцна антика

[уреди | уреди извор]

Репутацијата на Гален како врвен лекар и филозоф уште во негово време била легендарна.[43] Самиот император Марко Аврелиј за него напишал: „Primum sane medicorum esse, philosophorum antem solum„ (Прв меѓу докторите и единствен меѓу филозофите) (Paaen 14: 660). И други автори од античкиот период тоа го потврдувале, како, на пример, ранохристијанскиот писател Теодот Византиски, грчкиот писател Атенеј и перипатетичкиот филозоф Александар Афродизијски. Византискиот поет Георги Писида, од 7 век, отишол толку далеку што Христос го нарекол втор и запуштен Гален. Влијанието на Гален во медицинската теорија и практика се чувствувало сѐ до средината на 17 век, во византискиот, арапскиот и западноевропскиот свет. Величината на Хипократ и Гален ја одбележале шестотини години на постоење на античката грчка медицина. Артур Џон Брок метафорично ги опишал двајцата лекари како основата и апексот на грчката медицина, соодветно,[44] а неколку века по Гален грчкиот лекар и писател Паладиј напишал дека она што Хипократ го посеал Гален го ожнеал.

Гален успеал да ги сумира и синтетизира делата на своите претходници и благодарение на него грчката медицина била предадена на следните генерации, така што Галенизмот станал средство преку кое грчката медицина станала позната во светот. Галеновата реторика и плодноста на неговото дело биле толку силни што давале впечаток дека после него останува малку што да се научи. Така поимот Галенизам може да се толкува и позитивно и пејоративно (несогласувачки), т.е. колку и да имало напредок во античката медицина со Гален, толку нејзината доминација го задушила понатамошниот напредок.[45]

По распадот на Западното Римско Царство учењето на Гален и другите грчки дела речиси исчезнале во латинскиот запад. Во Источната римска империја, Галеновото наследство се сочувало преку сижето на Орибасиј, личниот лекар на царот Јулијан Отпадникот, од 4 век, кој ги раширил Галеновите дела правејќи го Галенизмот подостапен. Во доцната антика медицинските записи повеќе биле сконцентрирани на теоретскиот дел отколку на практичниот дел, така да авторите главно само дебатирале за Галенизмот. Меѓу овие автори биле теоретичарот Магнус од Нисибис, византискиот медицински писател Јован Александриски и Агнелиј Равенски.[46] Грчката медицина била дел од грчката култура, а источно-сириските христијани дошле во контакт со неа кога Византија владеела со Сирија и западна Месопотамија – региони кои во 7 век биле освоени од Арапите. На овој начин, во периодот околу половината на 7-от век, муслиманите дошле во контакт со првите преводи на Гален на арапски јазик. Оттогаш, Гален и грчката медицинска традиција генерално биле асимилирани во средновековниот и раномодерниот исламски Близок Исток.

Влијание на медицината во исламскиот свет

[уреди | уреди извор]

Галеновата медицина била мошне влијателна во исламскиот свет. Првиот голем преведувач на арапски јазик бил арапскиот христијанин Хунајн ибн Исхак. Околу 830-870 година, тој превел 129 дела на Гален на арапски јазик. Арапските извори, како што бил персискиот лекар и алхемичар Рази (Абу Бекр Мухамед ибн Закарија ал-Рази, 865-925 година) продолжиле да бидат извор на откривање на нови или релативно недостапни Галенови текстови.[47] Книгата Kitab ila Agloogan fi shifa al Amrad на познатиот асирски лекар и преведувач Хунајн ибн Исхак (809-873 г.), а која се чува во библиотеката на Ибн Сина академијата за средновековна медицина и наука, е ремек дело на преводи на Галеновите книжевни дела. Дел од Александрискиот компендиум за Гален од 10 век содржи податоци за разни типови на трески и разни воспалителни состојби на телото. Тој содржи и податоци за повеќе од 150 поединечни и групни објаснувања за растителни и животински видови. Книгата дава увид во разбирањето на традициите и методите на лекување во грчката и римската ера. Во книгата има податоци за повеќе од 150 едноставни или сложени лекови кои се користеле во грчко-римскиот период.

Делата на Гален биле прифатени од големите арапски лекари, како што се Ибн Зур (познат како Авензоар) и Ибн ал-Нафис,[48] како основа за понатамошни истражувања. Силен акцент бил даден на експериментирањето и на емпиризмот, што довело до нови резултати и нови опсервации кои биле споредени и комбинирани со оние на Гален од страна на великаните на арапската медицина: персискиот лекар и психилог Али ибн Абас ал-Мајуси (на Запад познат како Хали Абас), Абу-ал-Касим ал-Захрави (на Запад познат како Абуласис), Ибн Сина (Авицена), Ибн Зур и Ибн ал-Нафис. На пример, експериментите на Рази и Ибн Зур ја негирале Галеновата теорија на хуморални течности, а откривањето на пулмоналната циркулација од Ибн ал-Нафис ја побила Галеновата теорија за срцето.[49]

Влијанието на Галеновите дела, вклучувајчи ја и теоријата за хуморот, останува втемелена во модерната Унани медицина (персиско-арапска традиционална медицина), која сѐ уште широко се практикува од Индија (каде официјално е признаена) до Мароко.[50]

Повраток во латинскиот Запад

[уреди | уреди извор]
Mondino dei Liuzzi, Anathomia, 1541

По 11 век латинските преводи на исламските медицински текстови почнале да се појавуваат во Западна Европа, а паралелно се развивало и учењето на медицинската школа во Салерно (итал., Scuola Medica Salernitana), кое било инкорпорирано во курикулумите на универзитетите во Неапол и во универзитетот Федерико Втори во Монпелје. Од тогаш Галенизмот повторно зазел нов и неоспорен авторитет, дури Гален го нарекувале „Медицинскиот папа на средниот век“. Лекарот и монах Константин Африкански бил меѓу тие кои го превеле и Хипократ и Гален од арапски на латински јазик. Освен сѐ побројните преводи од арапски јазик, имало и директни преводи на Галеновите дела од грчки јазик, како што бил преводот на De complexionibus од италијанскиот преведувач Бургундио од Пиза. Делата на Гален од полето на анатомијата и медицината станале основа на универзитетскиот наставен план во средниот век, заедно со Медицинскиот канон на Авицена. Во христијанска Европа од тој период не постоела забрана за дисекција и аутопсија на човековото тело, така да истражувањата во таа насока се јавиле уште од 15 век.[51] И покрај познавањето на грешките на Гален во анатомијата, неговото влијание било толку силно што лекарите од тоа време на секој начин се обидувале да го оправдаат, на пример, италијанскиот лекар и анатом Мондино деи Луици, кој ја опишувал рудиментираната циркулација на крвта во своите дела, сепак тврдел дека левата комора треба да содржи воздух. Дури имало тврдења дека разликите во анатомијата меѓу човекот и животните се доказ дека човечката анатомија се променила од времето на Гален.[52]

Најважен преведувач на делата на Гален на латински јазик бил Николо ди Деопрепио да Реџио, кој работел на Анжујскиот двор за време на владеењето на кралот Роберт Неаполски. Меѓу неговите преводи значаен е делот за медицинските расправи на Гален, чиј оригинален текст бил изгубен.[53]

Ренесанса

[уреди | уреди извор]
Opera omnia, дисекција на свиња. Венеција, 1565 г.

Падот на Византиското Царство во 1453 година и појавата на ренесансата биле придружени со прилив на грчки научници и ракописи во Западна Европа, овозможувајќи директна споредба меѓу арапските коментари и преводи и оригиналните грчки текстови на Гален. Дебатите во медицинската наука тогаш имале две традиции: поконзервативна арапска и полиберална грчка. Но имало и поекстремни либерални движења кои ја оспорувале улогата на авторитетите во медицината, па така, на пример, Парацелзус симболично ги запалил делата на Авицена и Гален во неговото медицинско училиште во Базел. Сепак, големината на Гален меѓу великаните на милениумот била прикажана на муралот во манастирот Голема Лавра на Света Гора, каде меѓу претставените пагански мудреци, Гален бил нацртан меѓу Сибилското пророштво и Аристотел.

Galen. De pulsibus. (Ракопис; Венеција, 1550 г.).

Крајниот пораз на Галенизмот бил од негирањето на Парацелзус и конструктивизмот на италијанските ренесансни анатоми, посебно од делото на Андреас Везалиус од 16 век. Овој фламански лекар и анатом во 1530 година се нафатил на голем проект на преведување на многу грчки текстови на Гален на латински јазик. Неговото дело De humani corporis fabrica било напишано под влијание на Галеновиот начин на пишување и форма. Во обид да ги испита критички методите на Гален, Везалиус правел дисекција на човечки труп како начин на верификација. Преку своите книги и демонстрации, тој ги покажал ограничувањата на Гален и покрај силното спротивставување на традиционалните про-Галенисти, каков што бил францускиот анатом Јакобус Силвиус. Испитувањата на Везалиус ги отфрлиле теориите на Аристотел и Мондино де Луизи. Едно од најпознатите отфрлувања на Галенизмот била демонстрацијата на Везалиус за непропустливоста на интервентрикуларниот септум. Напуштањето на одредени сфаќања на Гален, посебно во анатомијата на циркулаторниот систем, било постепено низ целиот период на ренесансата и се должело на работата не само на Везалиус, туку и на неговите следбеници: неговиот студент Мигел Сервет,[54] неговиот соработник Франциско Гонсалес Ечевериа, лекарот Џон Кајус, саксонскиот хуманист Јанус Корнариус и други.

Но, сепак, некои придонеси на Гален ,како што е „испуштањето на крв“ како лек за многу болести, останале во употреба и во текот на целиот 19 век.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Galen definition and meaning | Collins English Dictionary“. www.collinsdictionary.com (англиски). Посетено на 2019-03-05.
  2. Potter, David Stone; Mattingly, D. J. (1999). Life, Death, and Entertainment in the Roman Empire (англиски). University of Michigan Press. ISBN 9780472085682.
  3. Brain, Peter; Galen; Galenus (1986-08-07). Galen on Bloodletting: A Study of the Origins, Development and Validity of His Opinions, with a Translation of the Three Works (англиски). Cambridge University Press. ISBN 9780521320856.
  4. Dušanić, Slobodan (1983). Stari svet. Beograd: Narodna knjiga-Vuk Karadžić-Rad. стр. 232, 250, 254.
  5. „Galen on the affected parts. Translation from the Greek text with explanatory notes“. Medical History. 21 (2): 212. 1977-04. ISSN 0025-7273. PMC 1081972. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: PMC-формат (link)
  6. Debru, Armelle (1997). Galen on Pharmacology: Philosophy, History, and Medicine : Proceedings of the Vth International Galen Colloquium, Lille, 16-18 March 1995 (француски). BRILL. ISBN 9789004104037.
  7. Vesalius, Andreas (1543). De humani corporis fabrica, Libri VII (латински). Базел, Швајцаревија: Johannes Oporinus. Архивирано од изворникот на 2016-09-01.
  8. O'Malley, Charles Donald (1964). Andreas Vesalius of Brussels, 1514-1564 (англиски). University of California Press.
  9. Siraisi, N. G. (1991). „Girolamo Cardano and the art of medical narrative“. Journal of the History of Ideas. 52 (4): 581–602. ISSN 0022-5037. PMID 11623014.
  10. West, John (1985). „Ibn al-Nafis, the pulmonary circulation, and the Islamic Golden Age“. Journal of Applied Physiology. 105 (6): 1877–1880.
  11. Claudii Galeni Pergameni (1992). Odysseas Hatzopoulos (уред.). "That the best physician is also a philosopher" with a Modern Greek Translation. Атина, Грција: Odysseas Hatzopoulos & Company: Kaktos Editions.
  12. Theodore J. Drizis (Fall 2008). „Medical ethics in a writing of Galen“. Acta Med Hist Adriat. 6 (2): 333–336. PMID 20102254. Посетено на 7 August 2010.
  13. Drizis, Theodore J. (2008). „Medical ethics in a writing of Galen“. Acta medico-historica adriatica: AMHA. 6 (2): 333–336. ISSN 1334-4366. PMID 20102254.
  14. Three Treatises on the Nature of Science (Hackett Classics). Hackett Publishing Company, Inc. 1985. ISBN 0915145928.
  15. De Lacy P (1972). „Galen's Platonism“. American Journal of Philosophy. 1972: 27–39. doi:10.2307/292898.
  16. Cosans C (1997). „Galen's Critique of Rationalist and Empiricist Anatomy“. Journal of the History of Biology. 30: 35–54. doi:10.1023/a:1004266427468. PMID 11618979.
  17. Cosans C (1998). „The Experimental Foundations of Galen's Teleology“. Studies in History and Philosophy of Science. 29: 63–80. doi:10.1016/s0039-3681(96)00005-2.
  18. април 0057:entry=galhno/s „Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, γαληνός“ Проверете ја вредноста |url= (help). www.perseus.tufts.edu. Посетено на 2019-03-05.
  19. Metzger, Bruce Manning (1980-01-01). New Testament Studies: Philological, Versional, and Patristic (англиски). BRILL. ISBN 9789004061637.
  20. Galenus; Galen; Grant, Mark (2000). Galen on Food and Diet (англиски). Psychology Press. ISBN 9780415232333.
  21. Gleason, Maud W. (2008). Making Men: Sophists and Self-Presentation in Ancient Rome. Princeton University Press. ISBN 069113734X.
  22. Evans, Elizabeth C (1945). „Galen the Physician as Physiognomist“. Transactions and Proceedings of the American Philological Association. 76: 287–298.
  23. 23,0 23,1 Brock, Arthur John (1929). Greek Medicine: Being Extracts Illustrative of Medical Writers from Hippocrates to Galen. Translated and Annotated by A.J. Brock (англиски). J.M. Dent & Sons.
  24. Ballester, Luis García (2002-01). Galen and Galenism (англиски). Ashgate. ISBN 9780860788461. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  25. Michele Amari (1880). Biblioteca arabo-sicula (англиски). E. Loescher.
  26. Boudon-Millot (2007-03-16). Galien: Introduction générale; Sur l'ordre de ses propres livres; Sur ses propres livres; Que l'excellent médecin est aussi philosophe (француски). Paris: Les Belles Lettres. ISBN 9782251005362. Архивирано од изворникот на 2020-04-14. Посетено на 2019-03-05.CS1-одржување: датум и година (link)
  27. Grant, Mark (2000). Galen on Food and Diet. Routledge. ISBN 0415232325.
  28. Aufderheide, Arthur C (2011). The Scientific Study of Mummies. Cambridge University Press; Reissue edition. ISBN 0521177359.
  29. Goss, Charles Mayo (1958-06-01). „Galen on anatomical procedures (De anatomicis administrationibus). Translation of the surviving books with introduction and notes by Charles Singer. XXVI + 289 pages, 26 figures. $8.75. Oxford University Press, New York“. The Anatomical Record (англиски). 131 (2): 253–257. doi:10.1002/ar.1091310208. ISSN 1097-0185.
  30. „Galen on Anatomical Procedures“. Proceedings of the Royal Society of Medicine. 49 (10): 833. 1956. ISSN 0035-9157. PMC 1889206.CS1-одржување: PMC-формат (link)
  31. Furley, David J.; Wilkie, James S (2014). Galen: On Respiration and the Arteries (Princeton Legacy Library). Princeton University Press. ISBN 0691612544.
  32. Keele, K. D. (1963-01). „Galen: On Anatomical Procedures: the Later Books“. Medical History. 7 (1): 85–87. ISSN 0025-7273. PMC 1034789. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: PMC-формат (link)
  33. Schwartz, Daniel; Schwartz, Stephen G.; Udupa, Akrithi; Hadi, Tamer M.; Leffler, Christopher T. (2016-04-08). „A medieval fallacy: the crystalline lens in the center of the eye“. Clinical Ophthalmology (англиски). Посетено на 2019-02-16.
  34. Bobzien, Susanne. „Peripatetic Hypothetical Syllogistic In Galen“. Rhizai. A Journal for Ancient Philosophy and Science (англиски).
  35. Hankinson (1991-01-01). „Galen's Anatomy of the Soul“. Phronesis (англиски). 36 (2): 197–233. doi:10.1163/156852891321052787. ISSN 1568-5284.
  36. Gill, Christopher (2007-01-01). „Galen and the Stoics: Mortal Enemies or Blood Brothers?“. Phronesis (англиски). 52 (1): 88–120. doi:10.1163/156852807X177977. ISSN 1568-5284.
  37. Viney, Wayne; King, D. Brett (2003). A History of Psychology: Ideas and Context (англиски). Allyn and Bacon. ISBN 9780205335824.
  38. III, James E. McClellan; Dorn, Harold (2006-04-14). Science and Technology in World History: An Introduction (англиски). JHU Press. ISBN 9780801883606.
  39. „Galen (130—200 C.E.)“.
  40. Rosen, Ralph M. „Review of Vivian Nutton, ed.,Galen. On My Own Opinions. Corpus Medicorum Graecorum 5 март 2 Galeni De Propriis Placitis“.
  41. „The Writings of Hippocrates and Galen - Online Library of Liberty“. oll.libertyfund.org. Посетено на 2019-02-16.
  42. Kotrc, R. F.; Walters, K. R. (1979). „A bibliography of the Galenic Corpus. A newly researched list and arrangement of the titles of the treatises extant in Greek, Latin, and Arabic“. Transactions & Studies of the College of Physicians of Philadelphia. 1 (4): 256–304. ISSN 0010-1087. PMID 400267.
  43. Nutton, V. (1984). „Galen in the eyes of his contemporaries“. Bulletin of the History of Medicine. 58 (3): 315–324. ISSN 0007-5140. PMID 6388686.
  44. Arthur John Brock. „Galen. On the Natural Faculties“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-07-18.
  45. Nutton, Vivian (1984). „From Galen to Alexander, Aspects of Medicine and Medical Practice in Late Antiquity“. Dumbarton Oaks Papers. 38: 1–14.
  46. Temkin, Owsei (1935). „STUDIES ON LATE ALEXANDRIAN MEDICINE: I. Alexandrian Commentaries on Galen's "De Sectis ad Introducendos". Bulletin of the Institute of the History of Medicine. 3: 405–430.
  47. Nutton, Vivian (1990/05). „The Patient's Choice: A New Treatise By Galen“. The Classical Quarterly (англиски). 40 (1): 236–257. doi:10.1017/S000983880002694X. ISSN 1471-6844. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  48. Albinali, Hajar A. Hajar (2004-04-01). „Chairman's Reflections : Blood-letting“. Heart Views (англиски). 5 (2): 74. ISSN 1995-705X.
  49. Al-Dabbagh, S. A. (1978-05-27). „IBN AL-NAFIS AND THE PULMONARY CIRCULATION“. The Lancet (англиски). 311 (8074): 1148. doi:10.1016/S0140-6736(78)90318-5. ISSN 0140-6736.
  50. „Unani Tibb“. broughttolife.sciencemuseum.org.uk. Архивирано од изворникот на 2018-02-11. Посетено на 2019-03-05.
  51. Prioreschi, P. (2001-2). „Determinants of the revival of dissection of the human body in the Middle Ages“. Medical Hypotheses. 56 (2): 229–234. doi:10.1054/mehy.2000.1183. ISSN 0306-9877. PMID 11425294. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  52. Jones, Raymond F (1963). "The Anatomist". Stories of Great Physicians. Whitman. стр. 46–47.
  53. Weiss, Roberto (1970). The Dawn of Humanism in Italy (англиски). Haskell House Publishers. ISBN 9780838300800.
  54. „WORKS OF MICHAEL SERVETUS OR MICHAEL DE VILLANUEVA“.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Garcia Ballester, Luis. 2002. Galen and Galenism. Theory and Medical Practice from Antiquity to the European Renaissance. Collected Studies Series 710. Aldershot, UK: Ashgate Variorum.
  • Gilbert, N. Ward. 1960. Renaissance Concepts of Method. New York: Columbia University Press.
  • Gill, Christopher, Tim Whitmarsh, and John Wilkins, eds. 2012. Galen and the World of Knowledge. Cambridge, UK: Cambridge Univ. Press.
  • Kudlien, Fridolf, and Richard J Durling. 1991. Galen's Method of Healing: Proceedings of the 1982 Galen Symposium. Leiden: E.J. Brill.
  • Lloyd, G. E. R. 1991. Methods and Problems in Greek Science. Cambridge: Cambridge University Press.
  • Mattern, Susan P. 2013. The Prince of Medicine: Galen In the Roman Empire. New York: Oxford University Press.
  • Nutton, Vivian. 2004. Ancient Medicine. London and New York: Routledge.
  • Rocca, Julius. 2003. Galen on the Brain: Anatomical Knowledge and Physiological Speculation in the Second Century A.D. Studies in Ancient Medicine 26. Leiden, The Netherlands, and Boston: Brill.
  • Rosen, Ralph M. 2013. “Galen on Poetic Testimony” In Writing Science: Medical and Mathematical Authorship in Ancient Greece. Edited by M. Asper, 177-189. Berlin: De Gruyter.
  • Rosen, Ralph M. 2013. “Galen, Plato, and the Physiology of Eros." In Eros Edited by E. Sanders, C. Carey and N. Lowe, 111-27. Cambridge: Cambridge University Press.
  • Sarton, George. 1954. Galen of Pergamon. Lawrence: University of Kansas Press.
  • Walzer, Richard. 1949. Galen On Jews and Christians. London: Oxford University Press.

Примарни извори

[уреди | уреди извор]
  • Brock, Arthur John (1929). Greek Medicine, Being Extracts Illustrative of Medical Writers from Hippocrates to Galen. London: Dent.
  • Galen (1991). On the Therapeutic Method. R.J. Hankinson, trans. Oxford: Clarendon Press.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]