iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.
iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.



Link to original content: https://mk.wikipedia.org/wiki/Апостол_Матиј
Апостол Матиј — Википедија Прејди на содржината

Апостол Матиј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Матиј
Икона на апостол Матиј од Симоне Мартини, 1317–19 г.
апостол и маченик
Роден(а) I век, Јудеја
Починал(а) ~80, Ерусалим, Јудеја или во Колихида (денешна Грузија)
Почитуван(а) во
Слава православие: 9 август ст. ст.
(22 август н. ст.)
католициизам: 12 мај
Обележја секира, мачеништво
Заштитништво алкохоличари; столари; кројачи; сипаници; надеж; упорност

Матиј или Матија (коински грчки: Μαθθίας, од библиски хебрејски: מַתִּתְיָהוּ Матитјаху, коптски: ⲙⲁⲑⲓⲁⲥ; I век - ок. 80) — еден од учениците на Исус Христос, кој според Делата на светите апостоли бил избран од апостолите да го замени Јуда Искариот по извршеното предавство и самоубиство.[1] Единствен е по тоа што не станал апостол со назначување од Исус, кој веќе се вознел на небото, и бил прогласен за таков пред слегувањето на Светиот Дух меѓу раните верници.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Матија не се спомнува во списоците на Исусовите следбеници во трите синоптички евангелија, но според Делата на светите апостоли, тој бил негов придружник од Крштението, па сè до неговото Вознесение. Во наредните денови, Петар им предложил на насобраните 120 ученици да предложат човек кој би го заменил Јуда. Тие ги избрале Јосиф Варсава (наречен Јуст) и Матиј. Потоа се помолиле „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на си­те, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал, за да прими дел од оваа служба и од апостолството од кое отпадна Јуда за да си отиде на своето место.[2] Потоа фрлиле ждрепка, и таа паднала на Матиј; со тоа, тој се вброил во единаесетте апостоли.[3]

Канонскиот Нов завет не дава никакви понатамошни информации за Матиј. Дури и името му се разликува од едно место до друго: сириската верзија на Евсевиј Кесариски сето време го нарекува „Толмеј“ (но поинаков од апостолот Вартоломеј, кој бил меѓу првичните апостоли). Климент Александриски еднаш го спомнува Закхеј на начин кој би можел да се протолкува како да горови за Матиј;[4] Климентините го поистоветуваат со Варнава; Адолф Хилгенфелд смета дека е истата личност со Натанаил во Евангелието според Јован.

Грчкото предание вели дека Матиј бил одговорен за воведување на христијанството околу Кападокија и бреговите на Каспиското Море, а живеел крај пристаништето Ис.[5]

Според Никифор Ксантопул[6], Матиј прво го проповедал словото во Јудеја, а потоа во Етиопија (кај областа Колхида, денешна Грузија) и бил распнат.[3] Коптските „Дела на Андреја и Матиј“ говорат дека живеел во „градот на човекојадците“ во Етиопија.[б 1][7] Урнатините на римската тврдина во Гонио (Апсар) во денешната грузиска област Аџарија имаат спомен-плоча која тврди дека таму е неговото почивалиште.

Зборникот на Доротеј Тирски го раскажува следново предание: „Матиј го проповедаше словото на варварите и месојадците во внатрешноста на Етиопија, каде се наоѓа пристаништето Ис, на устието на реката Фасис. Умре во Севастопол и таму го закопаа, кај Храмот на Сонцето.[8]

Според друго предание, Матиј бил каменуван во Ерусалим од месното население, а потоа обезглавен[9].[8] Споерд Иполит Римски, Матиј умрел на стари години во Ерусалим.

Опстанатите фрагменти од изгубеното Евангелие според Матиј[10] велат дека се негово дело, но раните црковни отци го сметале ова евангелие за кривоверно дело од II век.

Почитување

[уреди | уреди извор]
Кивор на апостол Матиј во Падова, Италија.

Православието по традиционален источен обред го слави Матиј на 9 август (22 август по нов стил). Православните од западен обред продолжуваат да го слават на 24 и 25 февруари во престапни години.

Неговата слава е воведена во римскиот календар во XI век и се одбележувал на шестиот ден од мартовските календи (обично 24 февруари, но на 25 февруари во престапни години). Во преработката на Општиот римски календар во 1969 г. денот е поместен на 14 мај за да не биде за време на Великите пости, туку заедно со велигденските празници близу до Вознесение,[11] по што Делата ни евели дека Матиј бил избран за еден од Дванаесетте апостоли.

Заедничкиот молитвеник на Црквата на Англија, како и другите постари заеднички молитвени книги во англиканството,[12] го чествува Матиј на 24 февруари. Според поновата литургија „Заедничка богослужба“, Матиј се чествува во Црквата на Англија со слава на 14 мај,[13] иако по желба може да се прослави на 24 февруари.[14] Во Епископалната црква и некои цркви во лутеранството како Мисурскиот синод и Канадската лутеранска црква, денот на одбележување останува на 24 февруари.[15] Евангелска лутеранска црква во Америка и нејзината сестринска црква во Канада го одбележуваат Матиј на 14 мај.[16]

Се тврди дека моштите на апостол Матиј биле донесени во Италија преку царицата Елена, мајка на Константин Велики. Според овие тврдења, дел од моштите се закопани во манастирот „Св. Јустина“ во Падова, а остатокот се во опатијата „Св. Матиј“ во Трир, Германија. Според грчки извори, моштите се закопани во тврдината Гонио-Апсар во Грузија.[17]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Оваа Етиопија се однесува на староегипетската воена колонија на Кавказ крај реката Алазани.
  1. Дела 1,12-26 — Стандардна македонска библија со девтероканонски книги, 2006 г.
  2. Дела 1,24–25
  3. 3,0 3,1 Jacque Eugène. Jacquier, "St. Matthias." The Catholic Encyclopedia. Vol. 10. New York: Robert Appleton Company, 1911. 10 August 2014
  4. Стромати, Книга 4, гл. 6
  5. Butler, Alban. "Saint Matthias, Apostle", The Lives of the Fathers, Martyrs, and Other Principal Saints, D. & J. Sadlier, & Company, 1864
  6. Historia eccl., 2, 40
  7. See "Egyptian Colony and Language in the Caucasus and its Anthropological Relations," by Hyde Clarke, 1874, https://www.jstor.org/stable/2841305
  8. 8,0 8,1  Една или повеќе од речениците погоре содржат текст од дело сега во јавна сопственостJacquier, Jacque Eugène (1911). „St. Matthias“ . Во Herbermann, Charles (уред.). Catholic Encyclopedia. 10. Robert Appleton Company.CS1-одржување: ref=harv (link)
  9. Tillemont, Mémoires pour servir à l'histoire ecclesiastique des six premiers siècles, I, 406–7
  10. „The Traditions of Matthias“. Earlychristianwritings.com. Посетено на 12 May 2011.
  11. "Calendarium Romanum" (Libreria Editrice Vaticana, 1969), p. 92; cf. p. 117
  12. „The Prayer Book Society of Canada " The Calendar“. The Prayer Book Society of Canada. 16 October 2013. Архивирано од изворникот на 2019-10-22. Посетено на 2023-06-05.
  13. „The Calendar“. The Church of England (англиски). Посетено на 27 March 2021.
  14. „web site“. Oremus.org. Посетено на 12 May 2011.
  15. „Misc. Info. on Minor Festivals – The Lutheran Church – Missouri Synod“. Архивирано од изворникот на 6 January 2011.
  16. Evangelical Lutheran Worship, (Minneapolis, MN: Augsburg Fortress, 2007), 15
  17. Kakhidze, Emzar (2008). „Apsaros: A Roman Fort in Southwestern Georgia“. Во Bilde, Pia Guldager; Petersen, Jane Hjarl (уред.). Meetings of Cultures – Between Conflicts and Coexistence. Black Sea Studies. 8. Aarhus University Press. стр. 303–332..

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]