iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.
iBet uBet web content aggregator. Adding the entire web to your favor.



Link to original content: http://mk.wikipedia.org/wiki/Кошарка
Кошарка — Википедија Прејди на содржината

Кошарка

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Дијаграм на кошаркарски терен.

Кошарка — екипен спорт во кој пет играчи од два различни екипи се обидуваат да постигнат што повеќе поени преку давање кош, односно преку уфрлување на топката низ хоризонтално поставен обрач на височина од 305 сантиметри. Од едната страна на теренот до другата, топката се пренесува преку тапкање и подавање на останатите членови на екипата.

Во 1891, Канаѓанецот Џејмс Најсмит ја измислил играта кошарка, со 7 правила од кои 6 сè уште се користат. Најсмит бил важен пропонент за развитокот на женскатa кошарка и за раширувањето на играта низ Северна Америка. Двете најсилни кошаркарски лиги во светот се европската Евролига и северноамериканската Национална кошаркарска асоцијација. Кошарката е распространета на сите континенти и е најбрзорастечкиот спорт во светот. Во Македонија, најсилната кошаркарска лига е Македонската Прва Лига.

До поени во кошарката се доаѓа со фрлање на топката во обрачот на кошот. Екипата која на крајот од натпреварот ќе оствари повеќе поени е победник. Кошот постигнат во лакот вреди 2 поени, кошот постигнат надвор од лакот 3 поени, а кошот од слободни фрлања носи по 1 поен. Топката во кошарката се управува со нејзино удирање од подот, односно водење, или пак преку меѓусебно додавање меѓу играчите. Телесни контакти ко можат да ги повредат играчите не се дозволени. Постојат строго одредени правила и начини спрема кои топката може да се води.

Со тек на времето кошарката ги развила вообичаените техники за шутирање, додавање и водење, како и позициите на играчите кога се во напад и во одбрана. Иако вообичаената кошарка се одвива под строго одредени правила, разни варијации на кошарката направила таа да биди со сè помалку правила. Во кошарката има разни стилови на шутеви, од кои најпознат е ударот хорок.

Историја

[уреди | уреди извор]

Првите правила, терен и игра

[уреди | уреди извор]
Првиот терен за кошарка.

Во почетокот на декември 1891 година, д-р Џејмс Нејсмит,[1] канадски професор по физичка култура од универзитетот МекГил од Монтреал и инструктор во Вежбалното училиште YMCA[2] (денес Спрингфилд Колеџ), во Спрингфилд, Масачусетс, САД, барал енергична игра на затворено за да ги држи своите студенти зафатени и на одредено фитнес ниво за време на долгите зими во Нова Англија. По отфрлање на скоро сите идеи кои биле или премногу груби или слабо одговарале на околностите во гимназиите, тој започнал со создавање на правилата на кошарката. Професорот прво закачил кош за праски на 3.05 метри односно 10 стапки. Во спротивност со модерните кошаркарски мрежи овој кош за праски го држел своето дно и топката морала повторно да се врати штом еднаш бил постигнат бод. Сепак ова се докажало неефикасно, па така била направена дупка на дното од кошот, овозможувајќи и на топката да ѕирка, со цел да може лесно да се изнеси со дрвен клин. Кошовите за праски се употребувале сè до 1906 година кога се замениле со метални обрачи со табла. Набргу била направена промена, па така топката само поминува низ мрежата, пробивајќи го патот до кошарката како што ја знаеме денеска. Секогаш кога некое лице ја фрлало топката во кошот, неговата екипа постигнувал бод. Секогаш кога екипата постигнува најмногу бодови тој ја добива играта.[3] Кошовите првично биле заковувани на меѓукатна тераса на игралиштето, но ова се покажало непрактично кога публиката од терасата почнала да се меша со шутевите. Таблата била воведена за да се спречи ова мешање. Тоа дало дополнителен ефект кој дозволувал удар од скок.[4] Рачно напишаните дневници на Нејсмит, откриени од неговата внука во почетокот на 2006 година, покажуваат дека тој бил нервозен за новата игра што ја измислил, која вклучува правила од детската игра наречена „Патка на камен“, како што многу правила не успеале пред тоа. Нејсмит новата игра ја нарекол „Basket Ball“.[5]

Првиот официјален натпревар се одиграл во гимнзија на YMCA на 20 јануари 1892 година со девет играчи. Натпреврот завршил со 1-0, а ударот бил направен на далечина од 7.6 метри (25 стапки) на игралиште со половина должина од сегашното игралиште на уличната кошарка и од тие на НБА. Од 1897 – 1898 станале стандардни екипите од по пет играчи.

Женска кошарка

[уреди | уреди извор]

Женската кошарка започнала во 1892 година во колеџот Смит, кога Сенда Беренсон, професор по физичка култура, ги модифицирала правилата на Нејсмит за жени. Кратко време по вработувањето во колеџот Смит, таа отишла кај Нејсмит да научи повеќе за играта.[6] Фасцинирана од новиот спорт и корисноста која може да ја предава, таа го организирала првиот женски колегијален кошаркарски натпревар на 9 март 1893, кога бруцошките и студентките од втора година од нејзиниот универзитет Смит играле едни против други.[7] Нејзините правила првин биле објавени во 1899, а две години подоцна Беренсон станала издавач на pрвиот водич за женска кошарка на А.Г. Спалдинг, којшто понатаму пак ја рашириl нејзината верзија за женска кошарка.[7]

Брзо зголемување на популарноста

[уреди | уреди извор]

Првите приврзаници на кошарката биле испраќани од YMCA и спортот брзо се проширил низ САД и Канада. До 1895 година, биле основани неколку женски средни школи. Додека YMCA била одговорна за почетниот развој и ширење на играта, во рок од една декада се спречил нов спорт како груба игра, бидејќи почнал да се оддалечува од првичната мисија на YMCA. Сепак, другите аматерски спортски клубови, колеџи и професионални клубови брзо ја пополниле празнината. Пред Првата светска војна, Аматерската атлетска унија и Интеруниверзитетската атлетска асоцијација на САД (претходник на Националната универзитетска атлетска асоцијација) се натпреварувале за правилата во играта. Првата професионална лига е основана во 1898 за да ги заштити играчите од експлоатирање и да воведе помалку груба игра. Оваа лига траела само 5 години.

„Кошаркарска сала на славата“

[уреди | уреди извор]

До 1950 година, кошарката станала главниот универзитетски спорт, па на тој начин го зголемувала интересот за професионалната кошарка. Во 1959 година била основана „Кошаркарската сала на славата“ во Спрингфилд, Масачусетс, местото на првиот натпревар. Нејзните регистри вклучувале големи имиња, тренери, судии и луѓе кои значително придонеле за развојот на играта.

Развој на опремата и техниката

[уреди | уреди извор]
Официјална топка на ФИБА.

Кошарката првобитно се играла со фудбалска топка. Првите топки направени посебно за кошарка биле кафеави, но дури во доцните педесетти Тони Хинкл, барајќи топка која ќе биде попрегледна за играчите и публиката, ја вовел портокаловата топка која денеска е во општа употреба. Дриблингот не бил дел од првичната игра, освен за додавање од скок до соиграчите. Додавањето на топката било првично значајна работа за движењето на топката. На крајот дриблингот бил воведен, но ограничен од асиметричната форма на првите топки. Дриблингот станал значаен дел од играта дури околу педесеттите години, штом рачно била подобрена формата на топката.

Историски претходници на кошарката

[уреди | уреди извор]

Кошарката, нетболот, народната топка, одбојката и лакросот се единствените игри со топка коишто се откриени од Северноамериканците. Другите игри со топка, како што се безболот и канадскиот фудбал имаат потекло од Европа, Азија или Африка. И покрај тоа, не постои директен доказ дека идејата за кошарка доаѓа од античката Мезоамериканска игра со топка, знаењата за таа игра со топка биле достапни најмалку педесет години пред откривањето на Нејсмит, во ракописите на Џон Лојд Стивенс и Александар фон Хумболт. Посебно делата на Стивенс во кои се вклучени илустрации од Фредерик Катервуд, биле достапни во многу образовни институции во 19 век и исто така имале широко движење.

Ран развој на универзитетската кошарка

[уреди | уреди извор]

Д-р. Џејмс Нејсмит дал голем придонес во основањето на универзитетската кошарка. Тој бил тренер шест години во Универзитетот Канзас, пред да му ја препушти функцијата на прочуениот тренер Форест Ален. Ученикот на Нејсмит, Амос Алонсо Стаг ја донел кошарката во Универзитетот во Чикаго, додека Адолф Рап, ученикот на Нејсмит од Универзитетот од Канзас, постигнал голем успех како тренер на Универзитетот во Кентаки.

На 9 февруари 1895 година, првиот интеруниверзитетски 5 на 5 натпревар се одиграл на Универзитетот Хемлин меѓу Хемли и Земјоделското училиште, којшто бил прибод кон Универзитетот од Минесота.[8][9] Земјоделското училиште на натпреварот победило со 9-3.

Во 1901 година, образовните институции како Универзитетот од Чикаго, Универзитетот Колумбија, Колеџот Дармут, Универзитетот од Минесота, Воената морнарица на САД, Универзитетот од Јута и [Универзитетот Јеил започнале со спонзорирање на машките натпревари. До 1910 година, честите повреди на терените го натерале претседателот Теодор Рузвелт да предложи дека универзитетската кошарка треба да формира управно тело и како резултат на тоа се создала Интеруниверзитетската атлетска асоцијација на САД. Во 1910, ова тело ќе си го промени името во Национална универзитетска атлетска асоцијација.

Ран развој на женската кошарка

[уреди | уреди извор]

Во 1892 година,Универзитетот од Калифорнија и училиштето Мис Хед го одиграле првиот женски интеринституционален натпревар. Бруцошите на Беренсон играле заедно со студентите од втора година во првиот женски интеруниверзитетски кошаркарски натпревар во колеџот Смит на 21 март 1893 година[10]. Истата година, Маунт Холиок и колеџот Софи Њуком (тренер Клара Грегори Баер) започнале да играат кошарка. До 1895 година, играта се проширила низ колеџите низ целата држава, вклучувајќи ги колеџите Велсли, Васар и Брин Моур. Првиот интеруниверзитетски женски натпревар се одиграл на 4 април 1896 година. Жените од Стенфорд играле 9-9 со оние на Беркли, завршувајќи со 2-1 победа за Стенфорд.

Развојот на женската кошарка бил поструктурен отколку оној на мажите во почетокот. Во 1905 година, Американската асоцијација за физичка култура го создава Извршниот комитет за правила во кошарката при Женскиот национален кошаркарски комитет.[11] Овие правила наложуваат девет играчи во секоја екипа и 11 службеници. Меѓународната женска спортска федерација (1924) вклучила женско кошаркарско натпреварување. Во 1925 година се одржани 37 женски средношколски, универзитетски и државни турнири. Во 1926 година, Аматерската атлетска унија го поддржала првиот национален женски кошаркарски турнир, комплетирајќи го со машки правила.[11]

Едмонтон Градс, канадскиот патувачки женска екипа, сместена во Едмонтон, Алберта, дејствувал помеѓу 1915 и 1940. Градс ја обиколиле цела Северна Америка и биле исклучително успешни. Тие поставиле рекорд од 522 победи и само 20 порази за тој временски период, бидејќи тие се среќавале со секоја екипа кој сакал да ги предизвика, финансирајќи ги нивните обиколки со приходи од продажбата на билети.[12] Градс исто така блеснале и на неколку изложбени патувања во Европа и освоиле четири последователни олимписки турнири во 1924, 1928, 1932 и 1936 година. Сепак, женската кошарка не била официјален спорт сè до 1976 година. Играчките на Градс не биле платени и не смееле да се мажат. Стилот на Градс се фокусира на екипната игра, без претерано нагласување на способностите на поединечните играчи.

Првата канадска интеруниверзитетска игра

[уреди | уреди извор]

Првата канадска интеруниверзитетска кошаркарска игра се одиграла во YMCA во Кингстон, Онтарио на 6 февруари 1904 година, кога Универзитетот МекГил го посетил Универзитетот Квин. МекГил победил на полувреме со 9-7, а резултатот бил 7-7 на крајот од регуларната игра. На крајот од период од десетминутното полувреме го дал резултатот. Голема публика дошла да го гледа натпреварот.[13]

Раните американски професионални и иновациски екипа

[уреди | уреди извор]

Дваесеттите години изобилувале од екипи. Постоеле стотици машки професионални кошаркарски екипи во градови и гратчиња низ САД, но и мала организација на професионални натпревари. Играчите оделе од екипа до екипа и екипите играле во различни сали. Лигите во кошарката доаѓале и си заминувале. Иновациските екипи како што се Ориџинал Селтикс и двете афроамерикански екипи, Њујорк Ренесанс Фајв и Харлем Глобетротерс одиграле двесте натпревари за една година за време на нивните национални тури.

Американски национални универзитетски првенства

[уреди | уреди извор]

Првиото машко државно првенство, Националната асоцација на меѓууниверзитетско кошаркарско натпреварување, кое сѐ уште постои под името Турнир на Национална Асоцијација за интеруниверзитетски спортови, бил организиран во 1937. Првото државно првенство за екипите на Националниот предизвикувачки турнир во Њујорк бил организиран во 1938 година, а Националниот турнир на НУАА започнал една година подоцна.

Универзитетската кошарка била оневозможена од скандалите за коцкање од 1948 до 1951 година, кога дузина играчи од врвни екипи биле вмешани во местење на натпревари и намалување на бодови. Делумно поттикнати од асоцијацијата со мамење, НПТ ја изгубила довербата за НУАА турнирот.

Средношколска кошарка на САД

[уреди | уреди извор]

Пред широко да се зацврсти регионот на средни училишта, повеќето средни училишта на САД биле далеку помали од нивните сегашни копии. За време на првата декада на 20 век, кошарката брзо станала идеален меѓушколски спорт благодарејќи на скромната опрема и личните барања на кошарката и кошаркарите. Во периодот пред распространувањето на телевизиското покривање на професионалните и универзитетските спортови, популарноста на средношколската кошарка била неспоредлива во многу делови на Америка. Можеби најлегендарен средношколска екипа бил Френклин Вундер Фајв од Индијана, кој освојувал во текот на дваесеттите години, доминирајќи во кошарката на Индијана и здобивајќи се со национално признание.

Денес, всушност секое средно училиште во САД има кошаркарска екипа кој се натпреварува на универзитетско ниво.[14] Популарноста на кошарката е голема и во руралните области каде тие се идентификуваат со целата заедница, како и кај некои поголеми училишта познати по нивните кошаркарски екипи, каде многу играчи учествуваат на повисок степен на натпреварување после дипломирањето. Во сезоната 2003/ 2004, 1 002 797 момчиња и девојчиња ги претставувале своите училишта во меѓучилишни кошаркарски натпреварувања, во согласност со Националната федерација на државните средношколски асоцијации. Државите Илиноис, Индијана и Кентаки се особено познати по нивната граѓанска приврзаност за средношколската кошарка, општо познати како Хузиер Хистерија во Индијана. Критички одобрениот филм Хузиерс го покажува големото значење на средношколската кошарка за овие рурални заедници.

Национална кошаркарска асоцијација

[уреди | уреди извор]

Во 1946 е формирана Кошаркарската асоцијација на Америк организирајќи ги врвните професионални екипи и водејќи ги до поголема популарност на професионалните натпревари. Првиот натпревар се одиграл во Торонто, Онтарио, Канада помеѓу Торонто Хаскис и Њујорк Кникербокерс на 1 ноември 1946 година. Три сезони подоцна, во 1949 година, КАА станува Национална кошаркарска асоцијација или кратко НБА. Новата организација Американска кошаркарска асоцијација се појавила во 1967 година и кратко ја загрозила доминацијата на НБА сè додека не се споиле АКА и НБА. Денес НБА е врвна професионална кошаркарска лига во светот по својата популарност, големи примања, талент и ниво на натпреварување.

НБА се одликува со многу познати играчи како што се Џорџ Микан, првиот доминантен „голем човек“, волшебникот за топка Боб Коузи и одбранбениот гениј Бил Расел од Бостон Селтикс, Вилт Чембрлен, кој првично играл за Харлем Глобетротерс, сестраните играчи Оскар Робертсон и Џери Вест, модерниот голем човек Карем Абдул Џабар и Карл Мелоун, плејмејкерот Џон Стоктон, омилениот играч на публиката Џулиус Ирвинг, потоа европските ѕвезди Дирк Новицки и Дражен Петровиќ и тројцата играчи кои ја доведуваат професионалната игра до највисок степен на популарност : Лари Берд, Меџик Џонсон и Мајкл Џордан.

Во 2001 година, НБА создаде развојна лига НБДЛ. Во 2008 година лигата имала 16 екипи. Кошаркарските екипи сочинуваат околу 13 проценти од граѓанските спортови во САД и просек 17 558 гледачи редовно ги посетуваат кошаркарските натпревари во НБА и тоа Чикаго Булс со 22 103, Детроит Пистонс со 22 076 и Кливленд Кавалиерс со 20 499 посетители. Комбинираниот приход од 30 НБА екипи е околу 3,37 милијарди долари и е во пораст.

Женска национална кошаркарска асоцијација

[уреди | уреди извор]

Женската национална кошаркарска асоцијација или женска НБА (WNBA), поддржана од НБА, започнала во 1997 година. Иако имала слаба посетеност, неколку маркантни играчки (Лиза Лесли, Дајана Таураси и Кендис Паркер помеѓу другите), помогнале да се развие популарноста на лигата и нивото на натпреварување. Други професионални женски кошаркарски лиги во САД е Американска кошаркарска лига (1996 - 1998), но се повлекла поради популарноста на женската НБА.

На ЖНБА се гледа малку како на вдлабната лига. Сепак, лигата од неодамна презела напредни мерки. Во јуни 2007 година, лигата потпишала продолжен договор со ESPN. Новиот телевизиски договор ќе трае од 2009 до 2016 година. Заедно со овој договор дошле и првите права за плаќање на такса на женската професионална спортска лига. После осум години од договорот, „милиони и милиони долари ќе се поделат помеѓу екипите од лигата“. WNBA има поголема гледаност на националните телевизии (413 000) отколку заедно MLS (253,000)[15] и NHL (310,732)[16] што е добар знак за порастот на оваа лига.

Кошаркарска асоцијација на Филипините

[уреди | уреди извор]

Кошаркарска асоцијација на Филипините е втората најстара професионална лига во светот. Првиот натпревар се одиграл на 9 април 1975 година во Аранета Колесум во Кубао, Кензон Сити на Филипините. Откриена е како „бунт“ на неколку екипи на сега веќе непостоечката Индустриска и трговска атлетска асоцијација на Манила, која била строго контролирана од Кошаркарската асоцијација на Филипините. Девет екипи чествувале во првата сезона на лигата која била отворена на 9 април 1975 година.

Кошаркарска асоцијација на Филипините се одликува со неколку познати кошаркарски играчи како моменталните ѕвезди Гери Дејвид, Џејмс Јап, Марк Кагвиоа, Вили Милер, Кели Вилијамс, Сајрус Багио и многу други. Поранешни суперѕвезди се Алан Кејдик, Бенџи Парас, Роберт Јаровски, Рамон Фернандес, Франсис Арнез, Атој Ко, Богс Адорнадо, Филип Цезар, Алвин Патримонио, Јојо Ластимоса и многу други.

Меѓународна кошарка

[уреди | уреди извор]

Меѓународната кошаркарска федерација е формирана во 1932 година од осум држави: Аргентина, Чехословачка, Грција, Италија, Летонија, Португалија, Романија и Швајцарија. Во тоа време организацијата контролираla само играчи аматери. Нејзиниот акроним е ФИБА, изведен од француското име на организацијата Fédération Internationale de Basketball Amateur.

Машката кошарка за првпат била на Олимписките игри во Берлин 1936 година и покрај тоа што биле одржани демострации за турнирот во 1904 година. САД ја поразиле Канада во првото финале, играјќи на отворено. На ова натпреварување доминирале САД, чија екипа освојил три титули. Првиот пораз бил во Минхен во 1972 година против Советскиот Сојуз. Во 1950 година, првиот светски турнир на ФИБА се одржал во Аргентина. Три години подоцна, во Чиле се одржал првиот светски турнир на ФИБА за жени. Женската кошарка била додадена на Олимписките игри во 1976 година кои се одржале во Монтреал, Канада со екипи како што се Советски Сојуз, Бразил и Австралија спротивставувајќи им се на американскиот состав.

Во поглед на Олимписките игри

[уреди | уреди извор]

ФИБА го изоставила разликувањето помеѓу професионалните играчи и аматерите во 1989 година и во 1992 година професионалните играчи играле за првпат на Олимписките игри. Доминацијата на САД продолжила со воведувањето на „Дрим Екипата“. Сепак, со развивањето на програми на друго место, други репрезентации започнале да ги победуваат САД. Екипата составена од НБА играчи завршиле шести во светското првенство од 2002 година во Индијанаполис, позади СР Југославија, Аргентина, Германија, Нов Зеланд и Шпанија. На олимписките игри во Атина во 2004 година, САД го доживеале нивниот прв олимписки пораз со професионални играчи, потфрлувајќи на Порторико со цпораз од 19 бодови разлика и од Литванија во групни натпревари и биле елиминирани од Аргентина во полуфиналето. Како резултат на тоа, тие го освоиле бронзениот медал поразувајќи ги Литванија и завршувајќи позади Аргентина и Италија на конечната листа.

Меѓународни ѕвезди во НБА

[уреди | уреди извор]

Кошаркарски турнири се одржуваат ширум светот за момчиња и девојчиња за сите возрасти. Светската популарност на спортот е означена со голем број националности коишто се застапени во НБА. Играчи од целиот свет можат да се најдат во следниве НБА екипи:

Веројатно ниту една екипа не се поврзува со странци како што е Сан Антонио Спарс. Тројцата најзначајни играчи се меѓународните – Тим Данкан од Американски Девствени Острови, Ману Џинобили од Аргентина и Тони Паркер од Франција. Сограѓанинот на Џинобили е Андрес Ночиони кој игра за Сакраменто Кингс. Дури во деведесеттите години многу неамерикански играчи станале имиња во НБАкако што се Хрватот Дражен Петровиќ и Тони Кукоч, Србинот Владе Дивац, Литванците Авридас Сабонис и Сарунас Марчиулионис и Германецот Детлеф Шремпф.

Глобализација на кошарката

[уреди | уреди извор]

Сите натпреварувачки екипи во двете неодамнешни светски првенства на ФИБА во 2002 во Индианаполис и 2006 година во Јапонија, еднакво драматично ја покажува глобализацијата на играта. Само еден член од секоја екипа бил Американец, т.е. Кармело Антони во 2006 година. Екипата од 2002 година го сочинувале Дирк Новицки, Џинобили, Јао Минг, Предраг Стојаковиќ и Перо Камерон од Нов Зеланд. Џинобили исто така бил дел и од екипата од 2006 година, а други членови биле Ентони, По Гасол неговиот шпански колега Хорхе Гарбахоса и Теодорос Папалукас од Грција. Единствени играчи од истата екипа кои никогаш не заиграле во НБА се Камерон и Папалукас.

Правила и прописи

[уреди | уреди извор]

Димензиите и временските ограничувања разгледани во овој дел варираат помеѓу турнирите и организациите. Во овој дел се употребени меѓународни и правила на НБА.

Целта на играта е да се победи противникот преку фрлање на топката горе низ баскетот на противникот, додека се спречува истиот да го прави истото. Намерата да се погоди бод е наречена шут. Успешен шут вреди 2 бодови, или три бодови доколку ако е земена од другата страна на лакот за три бодови кој пак е висок 6.25 метри (20 стапки и 6 инчи) од баскетот во меѓународни натпревари и 23 стапки и 9 инчи (7.24 метри) во НБА натпревари.

Правила за играње

[уреди | уреди извор]
Кошаркарска екипа за време на тајмаут на натпревар меѓу Македонија и Летонија.

Натпреварите се играат во 4 четвртини од 10 минути (меѓународни) или 12 минути (НБА). Универзитетските игри употребуваат полувремиња од 20 минути, додека пак средношколските натпревари употребуваат четвртини од осум минути. Период од петнаесет минути се употребува за пауза помеѓу полувремињата и две минути се дозволени за други одмори. Продолжените периоди се долги по пет минути. Екипите ги менуваат мрежите пред второто полувреме. Дозволено е само времето кога се игра. Часовникот застанува кога играта не е активна. Оттука, натпреварите општо траат подолго отколку времето за додадените периоди, вообичаено околу 2 часа.

Пет играчи од секоја екипа (регистер од 12 играчи) можат да присуствуваат на теренот. Замените се неограничени, но може да се извршат само кога играта е запрена. Екипите исто така имаат и тренер, кој го надгледува развојот и стратегиите на екипата и другиот екипен персонал како што се помошници тренери, менаџери, статистичари, лекари и тренери.

И за машките и за женските екипи, стандардната униформа се состои од шорцеви и дрес со јасно видлив број, единствен во екипата, испечатен однапред и одназад. Играчите носат високи патики коишто обезбедуваат екстра поддршка за зглобот на ногата. Обично, имињата на екипите, на играчите како и оние на спонзорите надвор од Северна Америка се испечатени на униформите.

Дозволено е само ограничен број на тајм-аути, стопирање на часовникот побарано од тренерот за кратки средби со играчите. Општо таквите прекини не се подолги од една минути, а за телевизиските натпревари пак, потребен е епп пауза.

Играта е контролирана од судии од коишто еден е арбитар (главниот судија во машките универзитетски натпревари и во НБА), еден или двајца судии (судии во машките универзитетски натпревари и во НБА) и записничари. За универзитетските натпревари, за НБА и за многу средношколски натпревари, постојат вкупно три судии на терен. Записничарите се одговорни за следењето на бодовите на секоја екипа, за задржувањето на времето и за поединечните или екипните фаули ,за замените на играчите, укажуваат на поседувањето на топката на екипата, како и часовникот за шутирање.

Единствена основна опрема во кошарката е топката и игралиштето : рамна правоаголна површина со обрачи на спротивните краеви. Нивоата на натпреварување бараат употреба на повеќе опрема како што се часовници, табли за постигнатите бодови, стрелки за измена на играчите и системи за оперирање со свирчето и стопирање на часовникот.

Пропишано кошаркарско игралиште во меѓународни натпревари е долго 28 метри а широко 15 метри (приближно 92 стапки со 49), а во НБА е 94 стапки со 50 (29 метри со 15м). Повеќето игралишта се направени од дрво. Челичен баскет со мрежа и табла е обесена на крајот од игралиштето. Во речиси сите нивоа на натпреварување, врвот на работ е точно 10 стапки (3.05 метри) горе на игралиштето и 4 стапки (1.2 метри) внатре во основната линија. Варирањето на димензиите на игралиштето и на таблата е можно, но се смета за важно баскетот да биде поставена на точната висина, Работ којшто е помал а неколку инчи може да има спротивен ефект врз шутирањето.

Исто така постојат прописи за тоа колкави треба да бидат димензиите на топката. Ако играат жени, официјалната големина на топка е 28.5 инчи (големина 6) и тежина од 20 унци. За мажи, официјалната топка е со опсег од 29.5 инчи (големина 7) и тежина од 22 унци.

Прекршоци

[уреди | уреди извор]

Топката може да биде водена кон баскетот со шутирање, додавање помеѓу играчите, исфрлена, тапкана, тркалена или дриблувана (удирање на топката при трчање).

Топката мора да остане внатре на теренот. Екипата кој последен ја допира топката пред да излезе надвор од теренот, го губи правото на поседување. Топката е надвор ако ја допре или премине преку граничната линија. Ова е спротивно кај другите спортови како што се фудбалот, одбојката и тенисот (но не и рагби или Американски фудбал), каде топката (играчот) сѐ уште се смета за внатре, доколку кој бил нејзин дел ја допре граничната линија.

Водителот на топката може да не ги движи двете стапала без дриблинг, познато како патување, ниту пак тој може да дрибла со двете раце или да ја фати топката помеѓу дриблизни, прекршок наречен двоен дриблинг. Екипата штом еднаш воспоставил контрола над топката на предната половина од игралиштето, не може да ја врати топката назад од игралиштето. Топката не може да биде удрена или фатена со тупаница. Прекршувањето на овие правила резултира со загуба на топката, или ако е направено од одбраната, тогаш часовникот се ресетира.

Постојат ограничувања за потребното време на водење на топката на половина игралиште (8 секунди во меѓународни натпревари и во НБА), 10 секунди во НУАА и средните училишта, пред да се шутира (24 секунди во НБА, 30 секунди за жени во НУАА лигата и за двата пола во Канадските Интеруниверзитетски спортови и 35 секунди во машките натпревари од НУАА)., држејќи ја топката чувана (5 секунди) и останувајќи во забранета зона (лентата или клучот) (3 секунди). Овие правила се дизајнирани за да се воведе повеќе напад.

Ниту еден играч не трреба да се меша со баскетот или со топката на нејзиниот надолен лет кон баскетот, или додека е на работ (или во НБА, додека директно е горе на баскетот, прекршок познат како голтендинг (стремеж за постигнување бод). Доколку одбранбен играч има стремеж за постигнување на бод, шутот се смета за успешен. Доколку соиграчот на оној којшто шутира се стреми за да постигне бод, играта е откажана, па така топката се додава на одбранбената екипа.

Намерата нечесно да се онеспособи противникот преку физички контакт не е исправна и се нарекува фаул. Овие фаули најчесто се направени од одбранбените играчи. Сепак, истовремено може да се направат и од напаѓачи. Играчите кои се фаулирани добиваат топка за да ја предадат од крајот на игралиштето, или добиваат еден или повеќе слободни фрлања ако се фаулирани во моментот на шутирање, во зависност од тоа дали шутот бил успешен. Еден бод се доделува за успешно слободно фрлање, кое се изведува од линијата од 15 стапки (4.5 метри) оддалечено од кошот.

Играч или тренер кој покажува неспортско однесување, на пример ако се кара со судијата или се тепа со друг играч, може да му се препише сериозен фаул наречен технички фаул. Казната вклучува слободни фрлања, за разлика од личната грешка каде екипата може да одбере кој играч да ги изведе слободните фрлања и е различна кај различни лиги. Повторените инциденти резултираат со дискфалификување. Несмасните фаули со претерани или кај кои целта не е игра со топка се наречени неспортски фаули (или бесрамни фаули во НБА) и резултира со исклучување.

Ако екипата надмине извесен број на екипни грешки за определен период (четвртина или полувреме) – четири за НБА и за меѓународните натпревари, па така на противничката екипа ѝ се доделуваа едно или две слободни фрлања за сите последователни грешки за тој период , а бројот на фрлањата зависи од лигата. Во универзитетите во САД, доколу екипата надмине над 7 фаули на полувреме, на противничката екипа му се доделува 1на 1 слободно фрлање (на играчот што дал едно фрлање му се дава и второ). Ако екипата надмине над 10 фаули на полувреме , на противничката екипа му се одделуваа две слободни фрлања за сите последователни фаули на полувреме. На меѓународни натпревари, доколку играч направи 5 фаули (вклучувајќи и технички грешки), или пак во НБА доколку направи 6 фаули (без технички грешки) не му се дозволува да го продолжи натпреварот и за него се вели дека е "направил фаул".

Доколку екипата направил одреден број на фаули, се вели дека е "казнен". На часовникот за бодови, тоа обично се означува со светол индикатор кој покажува "Бонус" или "Казна", со осветлена стрелка која насочува дека екипата треба да добие слободни фрлања кога е фаулиран од противничката екипа. Некои часовници исто така го покажуваат и бројот на направените фаули).

Бројот на доделените слободни фрлања се зголемува со бројот на направените фаули. Во почетокот се доделува едно слободно фрлање, но после неколку извршени дополнителни фаули, противничката екипа добива а) едно слободно фрлање со можност за второ, ако е направено првото слободно фрлање, наречено "едно плус едно " или б) две слободни фрлања. Ако екипата го промаши првио удар (или "преден крај") или ситуација еден на еден , противничката екипа се жали за топката и продолжува да игра. Ако екипата го промаши првиот удар од ситуација на две фрлања, противничката екипа мора да чека додека не се изврши вториот удар пред да се жали за топката и да продолжи да игра.

Ако играч е фаулиран додека се спрема за шутирање и шутот е неуспешен, на играчот му се доделува број на слободни фрлања еднаков на вредноста на ударот. Играч којшто е фаулиран додека се подготвува за нормално шутирање за два бодови, тогаш тој добива две слободни фрлања. Од друга страна пак, играч којшто е фаулиран додека се спрема да шутира за три бодови, добива три слободни фрлања.

Додека играчот е фаулиран додека се спрема за шутирање, а шутот е неуспешен, тогаш нему му се доделува едно дополнително слободно фрлање за еден бод. Во комбинација со обичен шут, ова се нарекува "игра на три бодови" (или поразговорно "и еден"), бидејќи фаулот бил направен под мрежата (2 бодови) и дополнително слободно фрлање (1 бод). Игри со четири бодови, иако се ретки, можат да се случат.

Најчести техники и практики

[уреди | уреди извор]

Позиции и структури

[уреди | уреди извор]

Иако правилата не одредуваат какви било позиции, сепак тие се развија како дел на кошарката. За време на првите пет децении од развитокот на кошарката, се употребувале еден чувар, двајца предни играчи и двајца центри или двајца чувари, двајца предни играчи и еден центар. Од 1980 година, се развија поспецифични позиции т.е. :

  1. „плејмејкер“ или „клучен чувар : обично е најбрзиот играч во екипата, којшто го организира нападот на екипата контролирајќи ја топката и обезбедувајќи ја до вистинскиот играч во вистинското“ време.
  2. „бек“: создава бројни удари во напад, го чува најдобриот периферен одбранбен играч од противничката екипа.
  3. „крило“ : често е одговорен за постигнувањето на бодови преку пресекување на топката и дриблинг пробивање, барајќи во одбраната скокови и кражби на топки, но понекогаш игра многу активно.
  4. „Крилен центар“ : често игра во напад свртен со грбот кон баскетот, во одбрана игра под кошот (во одбранбената зона), или против противничкиот пауер форвард (човек на човек одбрана )
  5. „Центар“: ја користи големината за да бодува (во напад), за да го заштити одблиску кошот (во одбрана) или да скока.

Горните описи се променливи. Некогаш, екипите ќе одберат да употребат тројца напаѓачки чувари, заменувајќи еден од форвардите или центарот со трет гард. Најчестите разменувачки позиции се поинт гард и шутинг гард, посебно ако двајцата играчи имаат добри водачки способности и способности да управуваат со топка.

Постојат две главни одбранбени стратегии : одбранбена зона и одбрана човек на човек. Одбранбената зона вклучува играчи кои играат на одбранбени позиции, без разлика каков играч од противникот се наоѓа таму. Во одбраната човек на човек, секој одбранбен играч чува посебен противник и се обидува да го спречи од преземање акција.

Напаѓачките игри се различни, нормално вклучуваат планирани додавања и движења на играчите без топка. Брзо движење на напаѓач без топка да добие погодна позиција се нарекува скратување. Дозволената намера на напаѓачот да го спречи противникот со испречување на патот на одбранбениот играч, така што неговиот соиграч го пресечува патот до него, се нарекува скрин или пик. Двете игри се комбинирани во пикенрол, во кој играчот создава пик и тогаш го мота/тркала пикот понатаму во правец на кошот. Скриновите и скратувањата се многу важни во нападите. Ова дозволува брзи додавања и екипна работа која може да доведе до успешна кошарка. Екипите скоро секогаш имаат планирано неколку напади за да осигураат дека нивно движење е непредвидливо. На терен поинт гардот е обично одговорен кој покажува која игра ќе се случи.

Напаѓачките и одбранбените структури повеќе се нагласени во повисоките нивоа на кошарка. Таму, тренерот нормално бара тајм-аут за да разговара.

Шутирање

[уреди | уреди извор]
Различни ставови за шутирање.
Слободни фрлања.

Шутирањето претставува обид да се постигнат бодови со фрлање на топката низ баскетот. Методите на шутирање може да варираат кај играчите и во различни ситуации, но најопштата техника може во најкратки црти да се види овде.

Играчот треба да биде позициониран така што ќе биде насочен кон обрачот, со нозете оддалечени од рамото, колената се малку свиткани, а грбот е исправен. Играчот ја држи топката во доминантната рака (раката со која шутира), малку горе над главата, со другата рака од другата страна на топката. За да ја нишани топката, лакот на играчот треба да биде подреден вертикално, а однапред да се насочи кон баскетот. Топката се шутира со свиткување и продолжување на раката со која се шутира, за да се исправи. Топката се тркала на краевите од прстите, додека рачниот зглоб е полусвиткан надолу. Кога раката со која се шутира е фиксирана моментално, а топката е исфрлена, тоа значи дека следи удар. Сето тоа е поврзано за да се обезбеди прецизност. Општо, раката со која не се шутира се употребува само за да води шутот, но не и да го реализира. Играчите често се обидуваат постојано да ја вртат топката да го намалат влијанието од нејзин удар. Совршенета траекторија на шутот е доста дискутабилна, но стрелците можат да употребуваат табла за да ја пренасочат топката во баскетот.

Двете најопшти шутирања кои погоре беа објаснети се поставен шут и шут од скок. Поставениот шут е реализиран од стоечка позиција, кога ниедна нога не го напушта подот, а обично се употребува за слободни фрлања. Шутот од скок се реализира во воздух, при највисок скок. Ова обезбедува поголема сила и простор, а исто така му дозволува на играчот да се подигне над дефанзивецот. Неуспехот да се исфрли топката пред играчот да се врати на теренот се нарекува патувачки прекршок. Друг општ шут се нарекува приковен шут. Овој шут бара од играчот да биде во движење околу баскетот и да ја прикови топката во баскетот, обично надвор од таблата (слободна табла, верзија на ниско фрлање се нарекува тркалење низ прсти). Најомилениот шут на публиката со најголем степен на прецизност е забивањето, во кој играчот скокнува многу високо и ја шутира топката надолу, право низ обрачот.

Друг општ шут е вкрстениот шут. Овој шут е со низок процент и се исфрла или се забива во обрачот, додека играчот нема рамнотежа, е во воздух, паѓа и/или е свртен од баскетот. Шут кој ги промашува работ и таблата на баскетот, се вели дека е воздушна топка. Посебно лош шут, или оној шут кој само ја удира таблата, шеговито се нарекува тула.

Целта на скокот е успешно да се добие власт над топката, после промашеното фрлање или слободно фрлање, кога топката ќе скокне од обрачот или таблата. Ова игра голема улога во играта, кога од повеќе топки екипата ќе промаши удар. Постојат две категории на скок : напаѓачки скок, во кој топката е повторно земена од напаѓачката страна и не го менува поседувањето и одбранбен скок, во кој одбранбената екипа добива слободна топка. Поголемиот дел од скоковите се одбранбени, бидејќи екипата има намера да биде во подобра позиција за да ги покрие промашените удари.

Додавање

[уреди | уреди извор]
Основен начин на додавање на топката.

Додавањето е начин на движење на топката помеѓу играчите. Најмногу додавања се придружени со чекори за да ја зголемат силата и се реализира со раце за да се обезбеди прецизност.

Основно додавање е додавање кон градите. Топката се додава директно од градите на додавачот до градите на примачот. Точно градно додавање вклучува надворешно посегнување со палците за да се додаде брзина и остава малку време на одбраната да реагира. Друг тип на предавање е додавање од скок. Овде, додавачот скока брзо со топката околу две третини од патот од неговите гради до примачот. Топката удира на теренот и отскокнува во правец на примачот. Потребно е подолго време за да се реализира додавањето од скок отколку градното додавање, но исто така е потешко за противничката екипа да го пресретнат (намерното удирање на топката е прекршок).На тој начин играчот често употребува додавање од скок или да додаде околу дефензивецот. Додавањето над глава се употребува за да се додаде топката над главата на одбранбениот играч. Топката е ослободена додека е исфрлена од додавачот.

Отвореното додавање се реализира кога екипата изведува дефанзивен скок. Следниот чекор после скокот е отвореното додавање.

Важен аспект од која било добро додавање е можноста за пресретнување. Добрите додавачи можат да ја додадат топката со голема прецизност и допир и знаат точно каде секој од нивните соиграчи сака да добие топка. Посебен начин за да се направи тоа е да се додаде топката без да се гледа соиграчот во моментот на додавање на топката. Ова се нарекува додавање без гледање.

Друг напреден начин на додавање е додавање позади грб, кое како што е опишано, вклучува фрлање на топката позади грбот на додавачот до соиграчот. И покарј тоа што некои играли можат ефикасно да ги изведат таквите додавања, многу тренери не ги одобруваат ваквите додавања, сметајќи дека се основно слаби, тешки да се контролираат и најчесто резултираат со изгубени топки или прекршоци

Дриблање

[уреди | уреди извор]
Основна позиција при дриблањето.

Дриблингот е акт на постојано скокање на топката со едната рака а се бара од играчот да се движи со топката. За да дрибла, играчот треба повеќе да ја удира топката кон теренот со прстите , отколку да ја потурнува. Ова обезбедува поголема контрола. Кога со дриблање го поминал противникот, играчот треба да дрибла подалеку од него, оневозможувајќи му на дефанзивецот да стигне до топката.Затоа е важно за играчот да биде способен да дрибла со двете раце. Добрите дриблери (дресери на топка) настојуваат да ја удираат топката ниско на земјата, намалувајќи го растојанието од подот до раката, оневозможувајќи му на дефанзивецот да ја украде топката. Плус, добрите дресери на топка, често дриблаат зад нивните грбови, помеѓу нивните нозе и често ги менуваат рацете и насоките на дриблањето, создавајќи помалку непредвидлива шема која е потешка да се одбрани. Ова се нарекува крст, којшто е најефикасен начин да се поминат дефанзивците кога се дрибла.

Искусен играч може да дрибла без да ја гледа топката, употребувајќи го движењето на топката или периферниот поглед за да се следи местоположбата на топката. Нефокусирајќи се на топката, играчот може да ги бара соиграчите или да создава поволности, како и да избегне некој да ја украде топката од него/неа.

Блокирање

[уреди | уреди извор]
Основна позиција при блокирањето играч.

Блокирањето се изведува има обид за шут, т.е. кога дефанзивецот се обидува да го измени шутот со допирање на топката. Во скоро сите начини на игра, не е дозволено да се допира топката ако се наоѓа во долниот дел на нејзиниот лак. Ова е познато како обезбедување на целта. Исто така не е дозволено да се блокира шут откако топката ќе ја допре таблата, или кога кој било дел од топката е директно над работ на баскетот.

За да се блокира шут, играчот треба да биде способен да постигне бод повисоко од реализираниот шут. На тој начин, висината претставува предност во блокирањето. Играчите кои се повисоки на позицијата пауер форвард или на центарски позиции, обично забележуваат повеќе блокади отколку играчите кои се пониски и играат на позиции на чувари. Сепак, со добро темпирање и доволен вертикален скок, дури и пониските играчи можат да бидат ефикасни во блокирањето на удари.

На професионални ниво, повеќето машки играчи се високи 6 стапки и 3 инчи (1.90 метри), а повеќето женски играчи 5 стапки и 7 инчи (1.70 метри). Гардите, чија физичка усогласеност и добри вештини со топка се значајни, се најниските играчи. Речиси сите форварди во мачките професионални лиги високи 6 с. 6 и. (2 метри) или повисоки. Повеќето центри се виски 6 с. и 10 и. (2.1 метар). Според испитувањето во сите НБА клубови, просечната висина на сите НБА играчи е под 6 с. 7 и. (2.01 метри), со просечна тежина од 222 фунти (101 килограми). Највисоките играчи во НБА биле Мануте Бол и Георге Мурешан со висина од 7 с. 7 и. (2.31 метри). Моментално највисок играч во НБА е Јао Минг со висина од 7с. и 6и. (2.29 метри).

Најнизок играч во НБА бил е Магзи Боке со висина од 5 с. и 3 ин. (1.60 метри). Други ниски играчи кои постигнале успех на професионално ниво се Ентони Спад Веб кој бил висок само 5 с. и 7 ин. (1.70 м.)., но имал вертикален скок од 42 инчи (1.07), а тоа е значајна висина прис скокање. Најнискиот играч во НБА за сезоната 2006/2007 е Ерл Бојкинс со 5 с. и 5 ин. (1.65 м.). Пониските играчи честопати не се добри во одбараната против шутирање, но нивната способност да се движат низ мешаниците на теренот и да ја украдат топката движејќи ниско е голема.

Варијации и слични игри

[уреди | уреди извор]
Улична кошарка.

Варијациите на кошарката се активности основани на игра, употребувајќи општи кошаркарски способности и опрема (пред сè топка и баскет). Некои варијации се само промени на занемарливите правила, додека другите пак се одделни игри со различен степен на влијанија на кошарката. Други варијации вклучуваат детски игри, натпревари и активности со цел да им помогнат на играчите да ги зајакнат вештините.

Кошарката на тркала, создадена од инвалидите од Втората светка вона, се играла на посебно дизајнирани тркала за физички нарушувања. Светскиот орган кој управува со оваа кошарка е Мегународната федерација на кошарка со тркала (IWBF). Водната кошарка, се игра во базена, вклучува кошаркарски и ватерполо правила. Кошарката на плажа се игра на кружен терен без табли за бодови и без правила за скокање со движење на топката и нејзино додавање на 2 и пол чекори, а дриблингот е невозможен на мека површина.

Постојат многу варијации на кошарката кои може да се играат на неформални места без судии или строги правила. Можеби најопштата варијација е играта на половина терен. Се употребува само еден баскет, а топката мора да биде јасно предавана или дриблувана надвор од половината на теренот или линијата за три бодови- времето на поседувањето на топката се менува помеѓу екипите. Игрите на половина терен бараат помала срцева издржливост, бидејќи играчите немаат потреба да трчаат назад и надвор од целиот терен. Таквите игри исто така го зголемуваат бројот на играчите кои можат да го употребат теренот, вачна корист кога многу играчи сакаат да играат.

Популарна верзија на игрите на половина терен е 21. Шутевите за два бодови се сметаат за два бодови а шутевите од линијата за три бодови се сметаа за три бодови. Играч дава кошеви му се доделуваат до три слободни фрлања (или неограничен број на кошови доколку играат цел ден), што вредат за еден бод. Кога шутот е промашен, доколку еден од другите играчи ја исфрлаат топката за два додека таа е во воздух, резултатот на играчот кој гопромашил ударот се враќа на нула, или доколку промашените удари се над 13, нивниот резултат повтроно се враќа на 13. Ова се нарекува благ удар. Доколку промашениот удар е благ , но играчот којшто удира ја употребува само едната рака,тогаш играчот чиј удар е надвор од игра, мора да ја фати топката од воздух за да ја врати внатре. Првиот играч кој постигнал 21 бод победува. Ако тој број се надмине, нивниот резултат се враќа на 13 бодови.

Други варијации на кошарката е прекрасната уличната кошарка. Низ цел свет, еден на еден е варијацијата во која двајца играчи ќе употребат мал дел од теренот (обично помал дел од половина терен) и се натпреваруваат да дадат бодови во само еден обрач. Таквите игри се стремат да ги истакнат поединечниот дриблинг и способности за крадење на топката, повеќе од шутирањето и екипната игра.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „The Greatest Canadian Invention“.
  2. „Hoop Hall History Page“. Архивирано од изворникот на 2001-04-19. Посетено на 2009-06-30.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. „James Naismith Biography“. 2007-02-14. Архивирано од изворникот на 2007-02-05. Посетено на 2007-02-14.
  4. Thinkquest, Basketball Архивирано на 24 јуни 2013 г.. Accessed 2009.01.20
  5. „Newly found documents shed light on basketball's birth“. ESPN.com. Associated Press. 2006-11-13. Посетено на 2007-01-11.
  6. „Pioneers in Physical Education“. стр. 661–662. Архивирано од изворникот на 2009-06-20. Посетено на 2009-06-03.
  7. 7,0 7,1 „Senda Berenson Papers“. Архивирано од изворникот на 2016-02-03. Посетено на 2009-06-03.
  8. „Hamline University Athletics: Hutton Arena“. Hamline.edu. 1937-01-04. Архивирано од изворникот на 2010-05-28. Посетено на 2010-07-25.
  9. dcollier (2004-09-11). „Hamline University Athletics: Admission Athletics Intro Page“. Hamline.edu. Архивирано од изворникот на 2009-09-20. Посетено на 2010-07-25.
  10. „You Come in as a Squirrel and Leave as an Owl“. Посетено на 2009-06-02.
  11. 11,0 11,1 „Historical Timeline“. Архивирано од изворникот на 2009-06-21. Посетено на 2009-06-02.
  12. „The Great Teams“. Посетено на 2009-06-02.
  13. Queen's Journal, vol. 31, no. 7, February 16, 1904; 105 years of Canadian university basketball, by Earl Zukerman, http://www.cisport.ca/e/m_basketball/story_detail.cfm?id=13618 Архивирано на 18 мај 2016 г.
  14. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-04-24. Посетено на 2010-08-26.
  15. Street & Smith's SportsBusiness Journal, MLS attendance, TV viewership numbers slip Архивирано на 25 јануари 2016 г.
  16. Street & Smith's SportsBusiness Journal, NHL’s attendance, TV ratings both showing increases Архивирано на 23 декември 2010 г.

Користена литература

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]


Статијата „Кошарка“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).